• среда, 25 декември 2024

Старова Ќерими за проектот „Пејзажно искуство“: Македонското творештво може да се носи рамо до рамо со светската уметност

Старова Ќерими за проектот „Пејзажно искуство“: Македонското творештво може да се носи рамо до рамо со светската уметност

Скопје, 30 март 2023 (МИА) - Во изложбениот простор на Чифте амам од вечерва е поставен мултимедијалниот проект „Пејзажно искуство“ на уметниците Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, кој беше претставен на 59-то издание на меѓународната ликовна изложба на Венециско биенале во 2022 година.

Проектот „Landscape Experience“ или „Пејзажно искуство“ на Мотеска и Јанкулоски претставува осмо учество на Националната галерија како официјален организатор на нашата земја на Биеналето во Венеција.
 
 
-Проектот „Пејзажно искуство“ е непосреден одговор од нашите етаблирани уметници Роберт и Моника на постојаните промени во природата и општеството, што се печат на современото време. Тие бараат одговор на актуелните прашања за одговорноста на поединците кон планетата, кон другите луѓе и форми на живот. Овој проект е потврда дека уметноста и уметниците можат да ни укажат на проблемите и да ни помогнат да замислиме нови начини и нови бесконечни можности за светот да стане подобро место за живеење.

Според министерката, „Пејзажно искуство“, како и делата на досегашните наши претставници на светските изложби, ќе останат документ за вредностите на актуелната современа македонска сцена кои мора да продолжиме да ги негуваме и да ги споделуваме со целиот свет затоа што „уметноста не е само она што го гледате туку е и она што сте го постигнале за другите да го видат“.

Мултимедијален проект „Пејзажно искуство“ Фото/МИА

Таа изрази голема благодарност до уметниците, до комесарот Дита Старова Ќерими директорка на Националната галерија на Северна Македонија како и до кураторките (Ана Франговска и Сања Којиќ Младенов) за успешното претставување на Биеналето во Венеција.

Според директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими, претставувањето на нашата земја на Биеналето претставува гордост, одговорност и константен предизвик за презентациите на македонските автори кои со своите автохтони визуелни ракописи се во склоп со светските актуелни тематики.
 
Таа додаде дека Националната галерија во повеќе наврати има соработувано со Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, од кои како најнови ги наведе нивните самостојни изложби „Везење во камен“, Моника Мотеска, на 1-ви декември 2020 година во Чифте амам и „Нови пејзажи - архив на реалноста“ на Роберт Јанкулоски, 10-ти декември 2020 година во Мала станица. 
Дита Старова Ќерими Фото/МИА
 
Како што рече, успешноста на овие изложби, како и на претходните соработки, беше веројатно првичната идеја која резултираше во проект кој ќе ја претставува нашата земја на Венециското биенале.
 
-Човекот е единственото суштество кое свесно се однесува кон своето постоење“ е појдовната мисла околу која се гради повеќеслојноста на овој мултимедијален проект, проблематизирајќа ја на суптилен начин комплексноста на човекот како создавач и разурнувач, неговите еколошка и политичка свесност, како и смислата на нашата егзистенцијална одговорност. Преку естетиката на магичните пејзажни креации на еден прекрасен напуштен и еколошки катастрофално уништен геополитички регион, претставена е токсичноста и разорната моќ на привидната надреална убавина по здравјето на целиот жив свет. Притоа, преку критика на сите политичко-општествени и еколошки разорувања, се отвораат прашањата за можна надеж за спас на човештвото, рече Старова Ќерими.
 
Авторите Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, според Старова Ќерими, и во своите досегашни проекти ја разгледуваат и обработуваат „естетиката“ на напуштените пејзажи, ставајќи ги во нов контекст и постојано барајќи нови слоеви на читање на диспозитивите живот-смрт, убаво-грдо, опојно-отровно.
 
Како што рече, освен особен печат во уметничката презентација на Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски, ваквиот тип на заедничко создавање креира пошироки простори за толкување и исчитување на различни нивоа на проблемите кои го засегаат нашето минато, сегашност, и секако иднина кои сепак најмногу зависат од биномите рацио и емоции на човекот како „единственото суштество кое свесно се однесува кон своето постоење“.
Мултимедијален проект „Пејзажно искуство“ Фото/МИА
 
-Би сакала да се заблагодарам на Министерството за култура на Република Северна Македонија кој го финансираше проектот, на авторите, на кураторките и на сите други соработници кои овозможија вакво квалитетно претставување на најголемото светско биенале на уметност во Венеција, Италија со кое потврдуваме дека македонското творештво може да се носи рамо до рамо со светската уметност, додаде директорката на Национална галерија.

Куратори на проектот беа Ана Франговска и Сања Којиќ – Младенов, а истиот ќе биде поставен во Чифте амам до 30 април.бт/лв/

Остани поврзан