• четврток, 26 декември 2024

Во Чашка од денеска бесплатни скрининг-прегледи за рано откривање рак на грлото на матката, во Лозово од утре

Во Чашка од денеска бесплатни скрининг-прегледи за рано откривање рак на грлото на матката, во Лозово од утре
Велес, 3 февруари 2022 (МИА) - Во Чашка од денеска почнаа бесплатни скрининг-прегледи за рано откривање рак на грлото на матката кај женската популација. Тие се реализират во соработка со Министерството за здравство, а ги изведуваат лекари специјалисти од Клиниката за гинекологија од Државната болница од Скопје. Бесплатните скрининг-прегледи се во соработка со невладината организација UNFPA и Општинската организација на Црвен крст Велес. Прегледите се изведуваат во мобилната амбуланта која е лоцирана на локација до спортската сала на ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка, а ќе ги координираат активисти на Основната организација на Црвен крст од Чашка. - Прегледите се изведуваат во терминот од 9:30 до 14:30 часот, ќе траат и во наредните денови, сè додека постои интерес кај женската популација од Чашка и Општина Чашка, информира за МИА Орце Николов, секретар на ООЦК Велес. Исто така, и во Лозово од утре ќе почнат бесплатните скрининг прегледи за рано откривање на рак на грло на матката кај женската популација. Во Градско прегледите завршија вчера. Таму во изминатите две недели се пријавиле и биле прегледани од 60 до 70 жени од сите возрасти, најмногу повозрасни, велат од Основната организација на Црвен крст Градско, која ги координираше активностите во соработка со Општинскиот Црвен крст од Велес. Како што посочуваат лекарите, анализите од претходните години покажале дека кај жените во повеќе општини во земјава процентот на болеста е многу висок и затоа овие бесплатни прегледи годинава се реализирааат во повеќе општини во земјава. Целта е со превентивни здравствени прегледи кај женската популација болеста навреме да биде откриена, со што ќе бидат спасени многу човечки животи. ад/бт/

Остани поврзан