• петок, 27 декември 2024

Во Центарот за култура Крива Паланка се одржа работилница „Читај и илустрирај"

Во Центарот за култура Крива Паланка се одржа работилница „Читај и илустрирај

Крива Паланка, 20 април 2024 (МИА) - Со обработка на одбрани училишни лектири и илустрации од истите, денеска и вчера се реализираше работилница „Читај и илустрирај", во организација на Националната установа Центар за култура - Крива Паланка.

Шеснаесет ученици од 9 до 15-годишна возраст работеа под менторство на професорката по македонски јазик и литература, Габриела Стојановска и професорот по ликовна уметност, Лазо Ѓоргиевски, во рамки на проектот- дел од годишната програма на НУЦК, поддржана од Министерство за култура на Република Северна Македонија.

- Во првиот дел од работилницата, вчера, учениците следеа едукативен дел во кој професорката Стојановска на креативен начин ги поттикна интерактивно да направат спој од читање и анализа на двете популарни и омилени меѓу учениците, лектири:„Хајди" од Јохана Шпири и „Силјан штркот" од Марко Цепенков. Во читалната на библиотеката  учениците заедно со професорката ги разработуваа темата, идејата, ликовите и содржината на лектирите, правејќи и торбички со мисли. Попладнево, во период од два часа, со професорот Ѓоргиевски илустрираа по имагинација од наведените дела, користејќи разни ликовни техники,по сопствен избор: пастел, молив и туш. Целта е децата од рана возраст да се поттикнат да создаваат љубов кон книгата, лектирата да им биде вистинско уживање, создавајќи свои видувања и визија за книгите, изјави денеска Даниела Петровска, координатор на проектот, раководител на библиотеката „Кочо Рацин" при НУ Центар за култура Крива Паланка.

Според Петровска, на оваа работилница се воочува дека со добра мотивација и поттикнување, пред сѐ со креативна работа, младите можат да бидат исклучително креативни и активни и да ја засакаат книгата. 

- Младите треба што повеќе да читаат, особено во ова време кога се соочуваме со глобален проблем кога пишаните книги сѐ повеќе се занемаруваат, а електронските го заземаат нивното место. Наша цел е, преку овој проект да се создаде љубов кон книгата и мотивација за читање, на еден несекојдневен начин, додаде Петровска.

Креираните дела и илустрации ќе бидат претставени пред пошироката јавност на посебна изложба во текот на следниот период, до крајот на учебната година. ид/цр

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан