• сабота, 12 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Хамас се размислува за прекин на преговорите со Израел додека не се ослободат палестинските затвореници

Во Хамас се размислува за прекин на преговорите со Израел додека не се ослободат палестинските затвореници

Газа/Тел Авив, 24 февруари 2025 (МИА) - Палестинската екстремистичка група Хамас размислува да ги прекине индиректните преговори со Израел, јавува ДПА.

Високиот лидер на Хамас Махмуд Мардави преку каналот Телеграма порача дека групата нема да се вклучи во дискусии за прекин на огнот додека Израел не ослободи околу 600 палестински затвореници кои требаше да бидат ослободени во сабота.

ДПА од круговите на Хамас дозна дека допрва треба да се донесе конечната одлука и дека во моментов групата се координира со посредниците.

Хамас во саботата им предаде шест заложници на претставниците на Црвениот крст во Појасот Газа.

Во замена за ослободување на мажите, Израел требаше да ослободи повеќе од 600 палестински затвореници, вклучувајќи 50 кои се на отслужување на казна доживотен затвор, се дознава од палестински извори.

Меѓутоа, канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во саботата објави дека го одложува ослободувањето на затворениците.

Нивното ослободување е ставено на чекање се „додека не се обезбеди ослободување на следните заложници и без понижувачки церемонии“, се наведува во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху, пренесено од ДПА.

Повеќефазниот договор за прекин на огнот, што започна на 19 јануари, предвидува во текот на првата шестнеделна фаза, постепено да бидат ослободени вкупно 33 заложници во замена за 1.904 палестински затвореници.

Втората фаза од договорот треба да доведе до дефинитивен крај на војната и до ослободување на преостанатите заложници, но не е јасно дали тој навистина може да се спроведе.

Хамас сака траен прекин на огнот и целосно израелско повлекување, а  Израел инсистира на својата воена цел - целосно уништување на Хамас. Повеќе од 60 заложници се уште се држат во Појасот Газа, од кои околу половина се верува дека повеќе не се живи.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан