• сабота, 23 ноември 2024

Во утробата на најголемото шпионско дувло на светот

Во утробата на најголемото шпионско дувло на светот

10 февруари 2024

Јутарњи лист - Загреб

Зградата „Патфајндер“ се наоѓа во британскиот стратешки команден комплекс РАФ Вајтон во близина на Хантингдон во Кембриџшир, дом на стотици воени лица и цивили кои работат во рамки на пошироката Одбранбена разузнавачка служба, односно воена разузнавачка служба (Defence Intelligence), која се состои од вкупно 4.500 членови.

Според „Тајмс“, кој заедно со неколку други медиуми добил редок пристап до внатрешноста на објектот, воен шпион во разузнавачкиот комплекс во руралниот дел на Кембриџшир, каде што се собираат и обработуваат строго тајни информации, покажува на мапа што ја прикажува траекторијата на хиперсонична ракета. „Постојат многу поголеми шанси за преживување“ доколку оружјето се уништи пред да биде лансирано, рече разузнавачот, кој сакаше да остане анонимен.

Едно од најстрашните оружја е кинеската DF-27, балистичка ракета со среден дострел, која има дострел од речиси 5.000 километри. Нејзината максимална брзина е најмалку 5 маха, или нешто повеќе од 6.000 километри на час, што е пет пати поголема од брзината на звукот, а нејзините хиперсонични лизгачки боеви глави можат да го променат правецот за да избегнат откривање. „Ова се опасни оружја“, истакнува тој, додавајќи дека иако Кина е единствената земја во моментов способна навистина да распореди хиперсонично оружје, Русија се обидува да ја постигне истата цел.

Овој разузнавачки центар е најголемиот разузнавачки центар во светот, каде што земјите-членки на Алијансата за споделување разузнавачки информации „Пет очи“ работат заедно за да собираат, обработуваат и проценуваат разузнавачки информации што треба да ги испратат до британските и сојузничките влади.

Дупки во одбраната

Тамошните експерти вклучуваат лингвисти, цивилни научници, психолози, географи и експерти за обработка на податоци. Други, од друга страна, оперираат во тајни мисии во странство, некои од нив како агенти кои работат со регрути за собирање информации од противникот.

Агентот со кој разговарал „Тајмс“ ги поминува своите денови анализирајќи го оружјето направено од ривалските земји, понекогаш оружја од многу чувствителна природа што биле испорачани во Обединетото Кралство од боиштата низ целиот свет. Едно од најновите оружја што дојде во неговите раце е беспилотно летало „Шахед 131“ од Иран, сè уште завиткано во пластична фолија.

Воените команданти, откако беа информирани за експертските анализи за хиперсоничното оружје, сметаат дека Британија мора да биде подготвена да формира воени бази во странство за одбрана од напад, наместо да се потпира на британските ресурси дома. Еден британски функционер објасни дека одбранбениот систем на Велика Британија ќе биде преоптоварен доколку голем број проектили почнат да паѓаат врз Британија, па таргетирањето на оружените системи таму каде што се поставени би било од суштинско значење за заштита на граѓаните.

Иако земјата има авиони кои можат да се подигнат за неколку секунди за да го заштитат небото и воени бродови Type 45 кои можат да соборуваат проектили, таа нема интегриран систем за противракетна одбрана. Воените лидери признаваат дека Британија поради тоа би имала проблеми да одговори на напад од голем број проектили или беспилотни летала.

Разузнавачките аналитичари во Defence Intelligence се надеваат дека ќе можат да добијат слика за тоа од каде би можеле да бидат лансирани проектилите - без разлика дали станува збор за воена база на копно или други платформи - така што ако земјата се најде ранлива на напад, да може да и обезбеди на владата листа на можни цели. Но, експертите веруваат дека би можело да биде предоцна да се запре нападот доколку се работи за хиперсонично оружје.

Опасни времиња

На брифингот со новинарите за заканата со која се соочува Велика Британија, претставниците на одбраната рекоа дека светот живее во „навистина опасни времиња“. Тие предупредија дека конфликт од големи размери е поверојатен отколку што беше во блиското минато, бидејќи сè што е потребно е „искра“ што може да дојде од која било насока.

Од моментот на предупредување, не би имало време за значајни активности за подготовка на земјата за конфликт од големи размери. „Мораме да почнеме да се подготвуваме сега“, рече претставник на британската одбрана, предупредувајќи дека намерата не е да се испрати порака за паника. Сепак, тие објаснуваат дека Британија може одеднаш да се најде во криза доколку задолжените за одбрана на земјата не ги добијат соодветните разузнавачки информации.

Анализата на директните закани за Обединетото Кралство не е единствената задача на военото разузнавање. Оперативците постојано ја следат војната на рускиот претседател Владимир Путин во Украина, кинеското задушување на Тајван и нападите врз бродовите во Црвеното Море од страна на Хутите - јеменските шиитски бунтовници поддржани од Иран.

„Се случува бура на Блискиот исток и ураган во Украина. Кина е „климатска промена“... Сите се неверојатно зафатени“, вели разузнавач додека покажува на различни маси на огромен простор во зградата на „Патфајндер“, именувана по ескадрилите за означување на целта во командата на бомбардери на РАФ за време на Втората светска војна.

Внатре во зградата, десетици тимови работат на различни мисии. На маса со материјали поврзани со Африка стои знамето на Исламската држава (ИСИЛ). Во близина, тим шпиони е собран околу маса и голем екран на кој се прикажуваат податоци од дрон кој следи брод во градот Порт Судан на Црвеното Море.

Бројни експертизи

Во еден момент се пали црвено светло за да ги предупреди оние горе дека во зградата има посетители без безбедносен сертификат. Дигиталниот часовник го покажува времето во Москва, како и времето во земјите-членки на „Петте очи“ - САД, Австралија, Канада, Нов Зеланд и самата Британија.

Еден од разузнавачките тимови неодамна достави разузнавачки информации до Обединетите нации за да докаже дека Северна Кореја и доставувала воена опрема на Русија за употреба против Украина со што ги прекршува санкциите на ОН. Тие, исто така, помогнаа да се откријат информациите дека Русија испратила 30 коњи од ценетиот руски Тротер Орловски со товарен воз во Северна Кореја, само неколку дена откако Белата куќа обвини дека Пјонгјанг испорачувал артилериски гранати за воените потреби на Путин во Украина.

Други испраќаат информации собрани од беспилотни летала испукани од Хутите за да ги информираат морнарите на бродот HMS Diamond, кој патролира по Црвеното Море обидувајќи се да ги сузбие акциите на бунтовничката група. Една единица, од друга страна, е одговорна за помош на британската полиција во пронаоѓањето на исчезнатите лица, следењето на убијците или спроведувањето рации против организираните криминални групи. Воениот персонал користи специјализирани камери и ласерски скенери кои можат да создадат слика за тоа како изгледаат објектите одвнатре и да откријат какви било закани со кои полицијата може да се соочи.

Нивната анализа беше клучна за труењето на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал во 2018 година во Солсбери, за да се утврди од каде нервниот агенс Новичок можел да се прошири во полициската станица.

Целата оваа експертиза значи дека нивните вештини се многу барани, при што високите раководители на службите честопати мораат да донесат одлуки за тоа кого можат да тргнат настрана за да ги извршува задачите за цивилните власти кога ќе се зголемат заканите во странство. Но, без разлика колку е сериозна заканата сега, пораката од Одбранбената разузнавачка служба до носителите на политички одлуки е јасна - дека работите би можеле да станат многу полоши пред светот повторно да стане побезбедно место. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан