• недела, 24 ноември 2024

Во Украина пристигнува воена и хуманитарна помош

Во Украина пристигнува воена и хуманитарна помош
Киев, 28 февруари 2022 (МИА) - Многу земји почнаа да испраќаат воена или хуманитарна помош во Украина по инвазијата на Русија од 24 февруари. СAД, Канада и 19 европски земји досега одговорија на украинските апели за воена опрема. Вашингтон испраќа дополнителни 350 милиони долари воена помош за Киев за да ја зголеми вкупната поддршка на повеќе од милијарда долари во текот на минатата година. Европска Унија првпат во својата историја финансира купување и испорака на оружје откако лидерите се согласија да достават оружје во вредност од 450 милиони евра во Киев. Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел изјави дека некои земји испраќаат борбени авиони за Украина. Канада испраќа смртоносно воено оружје и му позајмува на Киев половина милијарда канадски долари (392 милиони долари) за да му помогне да се одбрани. Германија и покрај долгогодишната пракса да не испраќа оружје во конфликтните зони, вети дека ќе и достави на Украина 1.000 противтенковски оружја, 500 ракети земја-воздух Стингер и девет хаубици. Берлин донира и 14 оклопни возила и 10.000 тони гориво. Стокхолм, исто така, го крши својот историски неутрален став со тоа што ќе достави 5.000 противтенковски ракети во Украина, панцири и друго. Тоа е првпат Шведска да испрати оружје во земја во вооружен конфликт откако Сталин ја нападна соседна Финска во 1939 година. Франција, која веќе испрати помош, дополнително ќе достави воена опрема, гориво и хуманитарна помош. Официјален Париз соопшти дека постапил по претходните барања на Украина за одбранбено противвоздушно и дигитално оружје. Британскиот премиер Борис Џонсон истакна дека е посветен да „обезбеди дополнителна поддршка на Велика Британија за Украина во наредните денови“, без да прецизира каква би можела да биде. Белгија соопшти дека ќе и достави на Украина уште 3.000 автоматски пушки и 200 противтенковски оружја, како и 3.800 тони гориво. Холандското Министерство за одбрана соопшти дека испраќа „200 проектили Стингер што е можно поскоро“, по пратката во саботата со снајперски пушки и шлемови. Холандија вети и дека ќе испрати 20 милиони евра хуманитарна помош. Прага испраќа 4.000 минофрлачи и арсенал од 30.000 пиштоли, 7.000 пушки, 3.000 митралези, како и голем број снајперски пушки и милион куршуми. Чешка веќе најави дека ќе испорача  4.000 минофрлачи во вредност од 1,5 милиони евра, што допрва треба да бидат испорачани. Португалија и дава на Украина очила за ноќно гледање, панцир, шлемови, гранати, муниција и автоматски пушки. Атина испраќа „одбранбена опрема“ во Украина, каде има голема грчка заедница. Грчката хуманитарна помош ќе биде доставена преку Полска. Романија, која ја дели границата со Украина, нуди лекување на повредените во нејзините 11 воени болници. Букурешт испраќа и гориво, панцири, шлемови и друг „воен материјал“ вреден три милиони евра. Рим испрати 110 милиони евра итна помош за украинската Влада како „конкретен знак за нашата поддршка“. САД најавија 54 милиони долари нова хуманитарна помош за Украина, која ќе биде дистрибуирана преку невладини организации, а Лондон додаде 40 милиони фунти (54 милиони долари, 48 милиони евра). Франција, која денеска ќе достави резолуција за хуманитарна помош до Советот за безбедност на Обединети нации, испрати 33 тони помош за бегалците во Полска. Уште 33 тони ќе бидат дистрибуирани за бегалците кои засолниште најдоа во Молдавија. Шпанија вети дека ќе испрати 20 тони помош за Украина, главно медицинска и одбранбена опрема како што се панцири. Израел соопшти дека испраќа 100 тони хуманитарна помош, како медицинска опрема, прочистувачи на вода, шатори и вреќи за спиење. Турската агенција за помош при катастрофи испраќа три камиони полни со помош во Молдавија за украинските бегалци. Црвената полумесечина им испраќа помош на луѓето кои бегаат во Романија. ми/

Остани поврзан