• среда, 25 декември 2024

Во Тунис четири лица осудени на смрт за убиство на политичар во 2013 година

Во Тунис четири лица осудени на смрт за убиство на политичар во 2013 година

Тунис, 27 март 2024 (МИА) - Тунискиот суд денеска осуди четири лица на смрт и две на доживотен затвор, обвинети за учество во убиството на истакнатиот политички лидер Чокри Белаид во 2013 година. 

Белаид, левичарски политичар, беше жесток критичар на исламистичката партија Енахда, тврдејќи дека тие не реагираат на насилството извршено од екстремистите врз секуларистите. 

Тој беше убиен во својот автомобил од вооружени лица на 6 февруари 2013 година, во првото политички мотивирано убиство во земјата по децении, потсетуваат британските медиуми.

Десетици приврзаници на Белаид синоќа се собраа во близина на судот во Тунис, држејќи транспаренти со барање правда и извикувајќи „Чокри живее“ и „Ние сме лојални на крвта на мачениците“. 

Британските медиуми наведуваат дека убиството на Белаид ја запрепасти земјата и предизвика масовни и насилни протести по Арапската пролет во 2011 година, кога протестите избија прво во Тунис, а потоа и низ целиот регион, соборувајќи неколку автократски режими. 

Иако Белаид немаше голем број следбеници, неговата критика на политиката на Енахда ги одразуваше ставовите на многу Тунижани, кои се плашеа од религиозните радикали за кои веруваа дека ќе ги одземат слободите освоени со првите модерни востанија во арапскиот свет. 

Неговото семејство и секуларните политичари ги обвинија лидерите на Енахда дека стојат зад атентатите за време на нивното владеење со земјата, што исламистичката партија остро го осуди. 

Неколку месеци по убиството на Белаид, беше убиен уште еден левичарски политичар, Мохамед Брахми, што доведе до масовни протести кои доведоа до распуштање на тогашната влада.сд/

фото: Чокри Белаид

Остани поврзан