• среда, 25 декември 2024

Во Тработивиште одбележани две години од смртта на народниот уметник Димитар Узунски

Во Тработивиште одбележани две години од смртта на народниот уметник Димитар Узунски

Делчево, 23 ноември 2023 (МИА) - Во делчевското село Тработивиште денеска беа одбележани две години од смртта на народниот уметник Димитар Узунски. Настанот е во рамки на одбележувањето на јубилејот 75 години постоење на ФГ „Копачка" селото Драмче во Делчево, со која над 50  години раководеше народниот уметник од Тработивиште.

Пред вечниот дом на Узунски во селото Тработивиште цвеќе положија и се поклонија членови на фолкорната група, роднини и познаници, додека пригоден говор одржа актуелната претседателка на Копачка, Перса Стојановска. Делата на Димитар Узунски, како што кажа таа пред присутните, ќе останат со векови да говорат за неговата посветеност и пожртвуваност во зачувувањето на фолклорните добра.

-Токму по негова најголема заслуга драмческиот елемент орото „Копачка“, пред девет години го достигна своето највисоко можно врвно остварување со впишувањето во УНЕСКО, во Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на човештвото. Со својот незапирлив ôд кон истражувањето, прибирањето, запишувањето, снимањето, промовирањето, негувањето на пијанечкиот фолклор, важеше за Живата легенда на Пијанец. Токму таа документација беше темелот, со кој се започна и се реализираше впишувањето на орото „Копачката“ во УНЕСКО, рече Стојановска.

Неговите следбеници, како што додаде претседстелката, остануваат да чекорат по патот кој Узунски го трасираше, давајки завет дека ќе истраат пред сите предизвици, давајки максимален допринос во оддржливоста на пијанечкиот фолклор, а особено на орото „Копачката“.  

-Кога го предаваше тој материјал на експертите кои ја подготвија и ја бранеа апликацијата во УНЕСКО им рече „Ви ги давам срцето и душата“. Затоа што фолклорот пред сè и над сè, беше ноговата пасија, беше неговиот живот. Испеа и сними над 40 песни за МРТ. Сними и емитуваше над 400 емисии за Радио Делчево со наслов „Од фолклорното богатство на пијанечкото поднебје“, додаде Стојановска.

Димитар Узунски беше долгогодишен надворешен соработник на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“. Неговите ракописи од собирачката дејност со неговиот краснопис, сè уште се необјавени и тетратките само ги красат витрините во неговата Спомен Соба во с.Тработивиште.

Узунски има освоено повеќе признанија и награди меѓу кои и наградите за „Особено истакнат педагошки работник“-1980, Гран при од ФИИП „Пеце Атанасовски“ 2011, плакета за животно дело од Градоначалникот на општина Делчево, по повод „100-години град Делчево“. Исто така ги има освоено и Државната награда за народен уметник, 23-Октомври во 2014 година како и наградата „Најдобар културен работник на Источна Македонија“.

Во рамки на денешниот настан, носителите на драмческата „Копачка“ третиот дел од својот 75 годишен Јубилеј од формирањето на групата во 1948 година, денеска го реализираа и со настап на плоштадот во с.Тработивиште. Пред мештаните на Тработивиште се претставија со неколку изворни ора, вклучително и орото Копачка со тоа давајки придонес и во одбележување на вториот Јубилеј - 20 години од донесувањето на Конвенцијата за заштита, афирмација и промоција на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО. вс/бт/

Фото: МИА

Остани поврзан