• среда, 25 декември 2024

Во ТИРЗ зоните за една година отворени околу 2000 работни места

Во ТИРЗ зоните за една година отворени околу 2000 работни места

Скопје, 8 октомври 2023 (МИА) - Во компаниите во ТИРЗ зоните за една година се отворени околу 2000 работни места, покажуваат податоците на Дирекцијата на технолошко-развојни зони. 

Бројот на вработени во зоните во септември се искачил на 17.558 што е за 13 проценти повеќе споредено со истиот период лани, а за 25 проценти повеќе во однос на септември 2021 година и за 31 процент во однос на 2020 година. 

- Редовната месечна анализа на Дирекцијата покажува дека континуираниот раст на вработените продолжува и само за еден месец 200 наши сограѓани добиле нови работни места, велат од Дирекцијата на ТИРЗ.

Заклучно со септември е регистриран и раст на извозот и увозот. Во првите девет месеци од годината компаниите во зоните оствариле извоз од 2,8 милијарди евра што е за 8 проценти повеќе споредено со истиот период минатата година. Само во септември, извозот достигнал 329 милиони евра, а споредено со почетокот од годинава извозот е зголемен за 19 проценти.

Увозот од почетокот на годинава досега достигнал над 2,3 милијарди евра. Само во јули годинава компаниите во ТИРЗ оствариле увоз од 275 милиони евра што е за 20 проценти пониско ниво споредено со септември лани, но за 45 проценти и 55 проценти повисоко во однос на септември 2021 и 2020 година.

- Поради ваквите економски движења и нето извозот е во позитива, а заклучно со септември изнесува 22 проценти, велат од Дирекцијата на ТИРЗ.

Очекувањата се да продолжи ваквиот позитивен тренд до крајот на годинава поради зголемениот обем на склучени договори за инвестиции. Годинава се склучени договори во вредност од 350 милиони евра и веќе се реализираат дел од планираните 6000 нови работни места. бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан