• четврток, 19 декември 2024

Во Тетово се одржа едукативен семинар за поголема стандардизација во одгледувањето украсни птици

Во Тетово се одржа едукативен семинар за поголема стандардизација во одгледувањето украсни птици

Тетово, 22 октомври 2023 (МИА) – Здружението „Дијамантски петел“ од Тетово изминатиов период беше домаќин на Првиот едукативен семинар за професионално одгледување украсни птици во организација на Македонскиот сојуз на здруженија. Целта е одгледувачите на украсни птици да се запознаат како попрофесионално да ги одгледуваат, а воедно како да се добијат автохтони раси кои, откако ќе ги задоволат многу строгите критериуми и стандарди, ќе можат да бидат признаени и во меѓународни рамки.

-Кај нас има многу одгледувачи на украсни птици, но проблемот е тој што одгледувачите не пазат на стандардите при нивното одгледување, па најголемиот дел од нив си тераат по свое, и кој како што знае и умее. На таков начин не може да се добие квалитет. Затоа со овој едукативен семинар сакаме овие одгледувачи на украсни птици да ги едуцираме како одгледувањето да го подигнат на повисоко ниво. Она што секој сериозен одгледувач на украсни птици треба да го знае е дека секоја раса си има свој стандард, односно како до перфекција треба да изгледа птицата. На пример не треба да гледаме кокошката да биде за нас убава, туку ако е одредена раса треба да ги има сите обележја кои се одредени според европски стандарди, тоа е најбитното, вели Ванчо Илиевски, претседател на Здружението „Дијамантски петел“.

Гулабот „Македонски вртач Дунек“ е првиот успех на македонските одгледувачи во насока на стандардизација и заштита на европско ниво како автохтона македонска раса. Според нив, така може да се направи со уште речиси десетина видови на македонски кокошки и гулаби.

-Ние ја имаме расата „Македонска џинка“, стара раса кокошки која сакаме да ја стандардизираме и да се патентира нејзиниот изглед, но за да го постигнеме тоа имаме уште многу работа. Често пати добиваме не уедначени резултати, не секогаш имаат иста боја, некои се со пердуви на нозете, или гаќи како ги викаме, а некои немаат. Сега ги одредивме стандардите како оваа раса треба да изгледа и работиме на тоа секогаш да се добиваат исти резултати. Само така оваа домашна раса кокошки ќе може да биде меѓународно признаена, објаснува Илиевски.

Веќе подолго време се работи да се стандардизира „Тетовскиот краткоклун гулаб“.

-Ова е тетовска раса гулаб. Застапена е најмногу во Тетово, а во Македонија послабо ја има. Јас имам 15 парови од овој вид гулаби. Негова карактеристика е „ружата“ од пердуви што ја има на вратот и тоа е негова уникатна карактеристика. Ситен е по градба и е „босоног“, односно нема пердуви или „гаќи“ на нозете. Неговото око е жолто, а клунот треба да му биде според одреден стандард. На опашката треба да има десетина пердуви. Имаме и отпечатено материјал како треба да изгледа овој вид гулаб, тоа сега треба да го преведеме и на англиски јазик и да направиме промоција на оваа наша раса гулаби, изјави Дончо Марковски одгледувач од Брвеница.

Една поинаква приказна нуди гулабот „Персиски мʼсарки. Тие не се автохтони, но се меѓу ретките кои се одомаќиниле.

-Овој раса гулаби е донесена од Персија, најверојатно Турците ја донеле овде кај нас пред многу векови. Тоа е многу благородна птица и пред сè е украсна птица која е многу приврзана за својот дом и ретко може да се случи да отиде во туѓ двор или ќумез. Постои голема опасност оваа птица да исчезне на овие простори бидејќи на прсти можеш да ги изброиш оние кои ја чуваат овој вид гулаб. Најчесто одгледувачите чуваат по еден или по два гулаби од оваа раса, а јас ги имам 50. Сега работиме и на нејзина стандардизација со цел да биде признаена како автохтона македонска птица бидејќи таа е одомаќена на овие простори и ја нема на друго места, изјави одгледувачот Љупчо Балкански.

Едукативниот семинар беше прилика и за пригодна изложба на над дваесетина одгледувачи. Одгледувачите сметаат дека имаат голем напредок во своето организирање. По повеќето здруженија во градовите и местата ширум Македонија, во 2014 година е формиран Сојуз на здруженија на одгледувачи на расни птици и ситни животни. Во 2022 година Сојузот станал полноправен член на Европскиот сојуз на одгледувачи на расни птици. ас/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан