• среда, 20 ноември 2024

Во тек се подготовките за новата комедија „Лагата“

Во тек се подготовките за новата комедија „Лагата“
Скопје, 14 април 2022 (МИА) - На малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ) во тек се читачките проби за претставата „Лагата“, работена по текст на современиот француски писател, драматург, театарски режисер, сценарист и филмски режисер Флоријан Зелер. Претставата е во режија на Бесфорт Идризи. Премиера се очекува кон втората половина на мај. „Лагата“ е безмилосна комедија која ги анализира лицемерите во општеството. Лавиринт на лаги и измами и непријатни вистини што се случуваат во бракот. -Мишел и Лоранс доаѓаат на вечера, но Алис истото попладне го забележува Мишел како се бакнува со друга жена, притоа е во дилема дали да ѝ каже на пријателката што видела или не. Нејзиниот сопруг Пол верува дека е подобро да се однесуваат како ништо да не се случило. Алис е далеку од сигурна. Со оглед на тоа што нивната сопствена врска се држи под лупа, станува јасно дека некои вистини најдобро е да не се кажат, а границата меѓу вистината и лагата може да биде опасна за преминување, се наведува во соопштението на МНТ. Во претставата, која во земјава се поставува првпат, играат Јордан Симонов, Габриела Петрушевска, Оливер Митковски и Драгана Левенска. Сценографијата ја работи Крсте Џидров-Џиби, костимите ќе бидат дизајн на Роза Трајческа-Ристовска. Авторската музика во оваа театарска претстава ја потпишува Игор Василевски-Новоградска.бт/са/

Остани поврзан