• четврток, 19 декември 2024

Во тек неколку проекти на општина Дебар за подобри услови за граѓаните

Во тек неколку проекти на општина Дебар за подобри услови за граѓаните

Дебар, 21 мај 2024 (МИА) - Во насока на подобрување на условите за живот и создавање соодветен простор каде граѓаните ќе може да одмораат, во тек на реализација се неколку зафати од страна на локалната власт на Дебар.

- Еден од нив е уредување и чистење на градскиот парк во центарот на градот. Сосема поинаква средина ќе се создаде со  осветлувањето во внатрешноста на паркот. Овој проект ќе продолжи и во другите делови, рече градоначалникот Хекуран Дука кој го следеше текот на работите.

Бараме, апелираше тој,  секој граѓанин повеќе да се грижи за одржувањето на паркот, да не се фрла отпад и паркот да биде душата на центарот на градот како и катче за одмор и рекреација.

Дука изврши увид и во текот на работите околу пополнувањето на ударните дупки на главната улица во центарот на градот.

-Со проектот за санација на ударните дупки и нивелирањето на шахтите ќе бидат опфатени не само главните улици, туку и улиците во сите населби во градот. Со тоа ќе се  овозможи подобра фреквенција и побезбедно движење, нагласи тој, задоволен од текот и квалитетот на работите.

Деновиве просторот кај споменикот на Паднатите борци од Дебар и Дебарско во НОВ, како и  кружните текови се хортикултурно уредени. Исто така беа исчистени од отпад детското и другите спортски игралишта.

Дука посочи дека паралелно со овие зафати продолжува, според зацртаната динамика, изградбата на  паркинг просторот во селото Горно Косоврасти со површина од 240 квадратни метри.

Ова е прв ваков простор во ова село со над илјада жители.

Општина Дебар, најави Дука, ќе продолжи да подготвува проекти и ќе вложува напори во соработка со централната власт и други институции, за обезбедување средства за нивна реализација, со цел обезбедување на потребните инфраструктурни и други услови. вт/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан