• петок, 27 декември 2024

Во тек истрага за софтверот за контрола во сообраќајот, сомнение за причинета штета на Буџетот од 180 илјади евра

Во тек истрага за софтверот за контрола во сообраќајот, сомнение за причинета штета на Буџетот од 180 илјади евра
Скопје, 16 април 2021 (МИА) – Вистината за случајот со набавката на софтвер за контрола во сообраќајот да се провери преку институциите, побара Драги Рашковски во писмото со кое пред два дена си поднесе неотповиклива оставката од функцијата секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на Програмата на Владата, порачувајќи дека нема затскривање позади функции. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за случајот вчера донесе наредба за спроведува истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, а денеска Рашковски, како осомничен беше спроведени во Основниот кривичен Суд – Скопје пред судија на претходна постапка, каде треба да се одлучува по предлогот за определување на мерка притвор. Според Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во временскиот период од месец јануари 2019 година до месец јули 2020 година, првоосомничениот со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени согласно прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и притоа да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Р.С.Македонија во вкупен износ од 11.018.321,00 денари (179 159 евра). Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка наместо преку Електронскиот систем за јавни набавки, првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот, донел одлука за избор и склучување на договор и исплата на фактурите, иако софтверот не бил имплементиран. Основното јавно обвинителство за организиран криминал на 18 март отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот, а на 9 месецов беше извршен претрес во просториите на фирмата „Инвока груп“ од која е купен софтверот. Институциите треба да си ја вршат работата, а законите мора да се почитуваат и тоа важи за секој случај за кој постои било каков сомнеж, порача во интервјуто за МИА вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, прашан дали ќе бара одговорност од Рашковски во врска со софтверот за сообраќајни прекршоци. -Конкретно за овој случај, надлежните институции постапуваат. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага по допрен глас за набавката на софтверот и соопшти дека се издадени повеќе наредби за прибирање на потребната документација.издадени повеќе наредби за прибирање на потребната документација, рече Николовски во интервјуто за МИА. По оставката на Рашковски, од Владата го повторија ставот дека набавката на софтверот за контрола во сообраќајот е спроведена во целосно транспарентна процедура во целосна согласност со Законот за јавни набавки. - Владата во неколку наврати ги охрабри институциите да проверат дали се прекршени какви било процедури, правила и стандарди. Уште еднаш потенцираме дека набавката на софтверот е спроведена во целосно транспарентна процедура во целосна согласност со Законот за јавни набавки, институциите имаат потреба од тој софтвер за сообраќај. Истиот е набавен по сума која е спуштена низ тендерската постапка. Тој софтвер е тестиран, исправен, функционален и нашите институции ќе го користат, а бенефит ќе имаат граѓаните и нивната безбедност. Владата работи по највисоките стандарди - професионални, правни, етички и законски постапки и нема да дозволи нарушување на ваквите стандарди за отчетност и транспарентност, појасни владиниот портпарол Душко Арсовски. Државната комисија за спречување на корупцијата на 10 минатиот месец отвори предмет за набавката на софтвер за контрола во сообраќајот којшто го распишал  Драги Рашковски како генерален секретар на Владата, а се проверува и имотната состојба што ја пријавил во анкетниот лист. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека случајот со Рашковски е “спектакл демократија" обид за дефокусирање на јавноста од вистинските проблеми во државата. Опозицијата го обвини Рашковски дека потрошил државни пари за софтвер кој не само што не е приоритет во време на пандемија, туку и не може да се користи, настрана што МВР поставила камери на скопските сообраќајници уште во 2012 година преку проектот „Безбеден град“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, на својот Фејсбук профил, реагираше и на тоа дека Рашковски во Судот бил спроведен со „рацете во џеб", без лисици на рацете. Денеска Драги Рашковски, како осомничен во случајот за јавна набавка на софтерот за сообраќајни прекршоци беше спроведени во Основниот кривичен Суд – Скопје пред судија на претходна постапка, каде треба да се одлучува по предлогот на ОЈО за определување мерка притвор, поради опасност од бегство, криење и влијание врз сведоци. На распит е и Даниел Станчевски од Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока груп“ од кое Генералниот секретаријат на Владата купил софтвер за определување на брзина на возила во сообраќај и изрекување казни. И за него обвинителството побара мерка притвор. аа/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан