• среда, 25 декември 2024

Во тек е јавниот повик за субвенции за чистење на оџаци

Во тек е јавниот повик за субвенции за чистење на оџаци
Скопје, 5 август 2021 (МИА) - Град Скопје ги информира граѓаните дека се уште е активен јавниот повик за доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот. Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. За оваа субвенција може да се аплицира електронски на следниот линк. Од прес-службата на Град Скопје информираат дека субвенциите важат и за исчистени оџаци од 01.01.2021 година, a Јавниот повик трае заклучно со 30.11.2021 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпување на средствата во износ од милион денари предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2021 година. Повеќе информации за јавниот повик заинтересираните граѓани ќе можат да најдат на следниот линк. Од Град Скопје посочуваат дека целта на овој проект е намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). - Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување, употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците. Познато е дека запуштените и неисчистени оџаци се голема опасност. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10 честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето. Се препорачува оџаците да се чистат 3 пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена, се наведува во соопштението на Град Скопје. Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018, 2019 и 2020 година, кога биле доделени околу 1000 субвенции. фф/ац/

Остани поврзан