• сабота, 28 декември 2024

Во тек е формирање на совет за креативни индустрии, по што ќе се изработи и национална стратегија за развој

Во тек е формирање на совет за креативни индустрии, по што ќе се изработи и национална стратегија за развој

Скопје, 25 ноември 2024 (МИА) - Министерството за култура и туризам е во фаза на формирање на совет за креативни индустрии, составен од стручни лица, кои ќе изработат национална стратегија за развој на креативните индустрии со акциски план, најави денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Тој посочи дека се преземаат и подготвителни активности за изработка на ново мапирање на креативните индустрии во државата, по што, како што рече, за многу брзо време ќе се објави и конкурс за финансирање на проекти од оваа област.

Љутков денеска на настанот „Форум Скопје – Секторски консултации“, што се одржа во Скопје, во организација на Министерството за култура и туризам, Британскиот Совет и Унијата на македонските професионални асоцијации во креативни индустрии – УМПАКИ, посочи дека креативните индустрии се важни и продуктивни за иднината на земјата. 

- Министерството за култура и туризам се вклучува во овие процеси и е многу важно да имаме добар почеток. Пред да бидам министер за култура, зборував колку овие индустрии се важни за иднината на земјата. Можеби ќе почнеме малку поскромно, но се надевам дека ќе покажеме во иднина колку се важни и колку се продуктивни и колку ќе можат да придонесат за економскиот раст на државата, рече Љутков.

Како што рече, овој настан е во функција на поддршка на креативните индустрии во нашата држава.

-Воедно сакам да го изразам и моето задоволство што денешниот Форум е во реализација на Британскиот совет, Министерството за култура и туризам, во соработка со Јавна соба и е активност која произлегува од неодамна потпишаниот Меморандум за разбирање со Британскиот совет, со кој се обврзуваме за спроведување на проекти и активности за  поддршка за развојот на креативната економија во државата. Затоа, врвни менаџери во креативната економија во нашата земја, во културниот менаџмент од Британија преку Форум од Скопје заедно со македонските професионалци ќе бидат заеднички вклучени во детектирање на клучни точки, од кои ќе почне здраво да се гради големата слика во креативниот сектор, додаде Љутков.

Според Љутков, креативните индустрии во последните години на глобални рамки се покажаа како исклучително продуктивна и профитабилна област, која нуди широк простор за презентирање на вештината, имагинацијата, талентот на креативците и соодветно валоризирање на пазарот.

-Министерството за култура и туризам, во рамки на преземените активности е во фаза на формирање на Совет за креативни индустрии, составен од стручни лица, кои ќе ја изработат Националната стратегија за развој на креативните индустрии со акциски план, а се преземаат и подготвителни активности за изработка на ново мапирање на креативните индустрии во државата, по што ќе го објавиме и Конкурсот за финансирање на проекти од оваа област, се надевам за многу брзо, рече Љутков.

Тој потсети дека неодамна во организација на Центарот за дизајн и иновации и Јавна соба, се одржа Конференцијата за развој на креативен туризам во земјава, чија цел беше иницирање на идејни проекти за соработка во полето на културата и туризмот.

-Потенцирам дека соработката не само што продолжува, туку не чекаат уште настани. Министерството е отворено за нови идеи и решенија, и убеден сум дека со дорба стратегија, претстојат плодни проекти, си потенцијал да остават белег во државата. Посакувам во иднина културата и креативноста по својот квалитет, да се издвојуваат и силно да не соединуваат во наш заеднички културен простор, рече Љутков.

Заменик амбасадорот во Амбасадата на Обединетото Кралство, Даниел Филер, во своето обраќање денеска на настанот рече дека креативните индустрии се двигател на економскиот раст, и се меѓу главните приоритети на британската Влада.

Како што рече, креативната индустрија во Обединетото Кралство придонела со 124 милијарди фунти бруто додадена вредност во економијата во 2022 година.

-Креативните индустрии се моќна алатка за развој на идентитетите и наративите на еден регион и на една цела земја. Тие имаат голем општествен импакт и прават места да бидат интересни за посетители, за туристите. Северна Македонија е земја на креативни луѓе. Вие имате богата култура, која е признаена во светот. Уметници како што се браќата Стефановски и Милчо Манчевски се оние кои го градат идентитетот на оваа земја, рече Филер.

Тој смета дека ваквите иницијативи ќе овозможат размена на идеи и искуства, со цел поголема поддршка на креативните индустрии.

-Се надевам дека ќе се продлабочат културните и економските врски меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија. Ви благодарам за вашата работа, за вашата визија, за вашите идеи, рече заменик амбасадорот.бт/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан