• сабота, 06 декември 2025

Во тек е реконструкција на просторот околу ТППЕ Куманово, помина одлуката на совет за донација

Во тек е реконструкција на просторот околу ТППЕ Куманово, помина одлуката на совет за донација

Куманово, 7 август 2025 (МИА) - Во тек е реконструкција на просторот околу територијалната противпожарна единица во Куманово, пожарникарите очекуваат поголема функционалност и подобар пристап до гаражите. Во меѓувреме, советниците ја донесоа одлуката за прифаќање на донација од Тирол, Австрија која се состои од противпожарно возило со скали.

-Очекуваме значително подобрување на функционалноста по реконструкцијата на просторот. По набавката на хидраулична скала, значително ќе се олесни нашата работа. Проектот се спроведува со Австрија и областа Тирол и веќе имавме повеќе средби, изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.

Преку проектот Куманово ќе добие противпожарно возило со хидраулична скала. Како што претходно објаснија надлежните, предвидена е и обука на пожарникарите, првин во Австрија, а потоа и во Осиек, Хрватска во тамошниот центар за обука, изграден со поддршка на Австрија.

Во рамките на проектот е предвидено и зголемување на нивото на волонтеризмот. Во градот веќе функционира доброволно противпожарно друштво и се зголемува бројот на членови. Куманово ќе настојува во руралните средини да воспостави доброволни противпожарни друштва кои ќе добијат и теренски возила за интервенција.

Во мај, годинава претставници од Тирол ја посетија општина Куманово, додека претходно претставници од општината и ТППЕ Куманово остварија работна средба во Австрија каде се информираа за програмските активности за заштита од пожари во Тирол. ам/сст/


Фото МИА архива

Остани поврзан