• вторник, 22 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во тек е изградба на скоро 900 метри атмосферска канализација на улица „Бајрам Шабани“ во Куманово

Во тек е изградба на скоро 900 метри атмосферска канализација на улица „Бајрам Шабани“ во Куманово

Куманово, 10 април 2025 (МИА) - Изградбата на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“ во Куманово не ја спроведува јавното претпријатие „Водовод“, туку приватна компанија, соопштија денеска надлежните од јавното претпријатие, по низата реакции на кумановци дека градежните активности често доведуваат до престанок на водоснабдување во тој дел од градот. Кумановци реагираа дека самите градежни активности го попречуваат и сообраќајот на оваа фреквентна улица во Куманово. 

- Градежните активности се во тек. Наши екипи постојано се таму и секојдневно сме присутни на терен за работите да одат што побрзо и поефикасно и да нема проблеми во поголем обем. Но, немаме никаква улога во изградбата на атмосферската канализација. На јавно наддавање избрана е приватна фирма, која има сопствен надзор кој ги надгледува работите. Наши екипи учествуваат единствено во санација на дефектите коишто произлегуваат од теренската работа на изведувачот. При ископот се случуваат одредени дефекти, ние како претпријатие, а често и самиот изведувач ги санира, изјави директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојмановски.

Изградбата на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“ е еден од проектите кои Куманово ги доби од Владата за инфраструктурното уредување. На улицата беше неопходна изградба на атмосферска канализација бидејќи поради конфигурацијата на теренот при пообилни дождови се слеваше вода. Активностите на терен ги спроведува градежна компанија од Скопје која понудила најниска понуда на објавениот тендер меѓу четири компании. За реконструкцијата одвоени се речиси 18 милиони денари.

Улицата е градена во доцните шеесетти и почетокот на седумдесеттите години од минатиот век. Првпат се гради атмосферска канализација во должина од 886 метри. Покрај атмосферска канализација ќе бидат поставени 32 сливници и 34 шахти. ам/мд/


Фото: Општина Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан