• среда, 25 декември 2024

Во Струмица ќе се отвори Советувалиште за жртви на семејно и родово базирано насилство

Во Струмица ќе се отвори Советувалиште за жртви на семејно и родово базирано насилство
Струмица, 10 јуни 2021 (МИА) - Од средината на идниот месец во Струмица ќе се отвори Советувалиште за жртви на семејно насилство и родово базирано насилство. Според Здружението „Скај плус“, по Скопје, и во Струмица и Штип ќе се отворат такви советувалишта. - Сите жртви кои бараат помош и поддршка од општествени чинители не треба секогаш да завршуваат во шелтер центри, кадешто се згрижуваат само они на кои им е загрозена безбедноста по животот и здравјето, вели Стојне Митева од „Скај плус“. Услугите на Советувалиштето можат да ги користат сите лица кои биле жртви на семејно насилство, а тимовите се обучени и за работа со деца. - Советувалиштето ќе овозможува целосно психо-социјална поддршка на жртвите, како што е излегување од насилната средина, закрепнување, социјализација и секако, нов почеток. Во стручниот тим ќе работат двајца терапевти, координатор кој ќе ја координара работата на Советувалиштето и по еден психолог и социјален работник, додаде Митева. Просторијата во која ќе биде сместено Советувалиштето ја обезбедува Општина Струмица. Советувалиштето го отвора Асоцијацијата „Хера“ со поддршка на Здружението „Скај плус“ и Општина Струмица. рт/ар/

Остани поврзан