• сабота, 23 ноември 2024

Во Струмица стапуваат на сила мерките за надминат праг на аерозагадување

Во Струмица стапуваат на сила мерките за надминат праг на аерозагадување

Струмица, 2 декември 2023 (МИА) - Во Струмица стапуваат на сила мерките за надминат праг на аерозагадување, бидејки два дена мерните станици покажуваат високи концентрации на ПМ10 честички повеќе од дозволеното, соопштија денеска од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Мерењата од станицата на МЖСПП покажале дека е надминат прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрограми на метар кубен кој согласно регулативата два последователни денови изнесувал над 150 mg/m3, а врз одлуката на министерството влијаела и временската прогноза на УХМР.

Имено, завчера во Струмица се измерени 156,12, а вчера 236,99 микрограми на метар кубен. Затоа, МЖСПП во соработка со Министерството за здравство препорачува за градот Струмица да се ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

Потоа, се препорачува работодавците да го реорганизраат работното време на лицата кои работат на отворено од 11 до 17 часот и да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

Освен тоа, Општината треба да обезбеди услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба, а од Владата се бара да преземат повеќе мерки кои се во нејзина ингеренција, меѓу кои и зачестени контроли на инсталациите за испуштањето дозволена количина емисии во воздух. рт/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан