• петок, 27 декември 2024

Во Струмица со осветлување на општинската зграда во портокалово почна кампањата за 16 денови активизам за борба против семејното насилство

Во Струмица со осветлување на општинската зграда во портокалово почна кампањата за 16 денови активизам за борба против семејното насилство
Струмица, 25 ноември 2022 (МИА) - Со осветлување на општинската зграда во Струмица во портокалово почна кампањата за 16 денови активизам за борба против семејното и родово базирано насилство. На настанот, на кој присуствуваа жени-активистки организирани во Здружението „Скај плус“ и граѓани, беше истакнато дека Општина Струмица е прва општина во Република Северна Македонија која од сопствен родово одговорен буџет издвојува финансиски средства за функционирање на лиценцираниот Шелтер центар за згрижување жени и деца жртви на семејно насилство. Тоа го потенцираше и градоначалникот Костадин Костадинов, кој во изјавата за медиумите подвлече дека на територијата на Општината делува и психо-социјално советувалиште, кое им овозможува поддршка на жртвите, препознавање на насилство, излегување од насилната средина, закпрепнување, социјализација и нов почеток. Тој најави и отворање на „Куќа за отворено домување“. -Овој модел има за цел да обезбеди долготрајно и безбедно домување, стабилно вработување и приходи, надминување на траумите од преживеаното насилство како и живот без насилство врз жртвата која ја напуштила насилната средина заедно со нејзнините деца. Како општина нема да дозволиме жените и децата кои се во ризик да ни станат бездомници. „Куќата за отворено домување“ ќе обезбедува домување од 6 до 24 месеци, рече Костадинов. Инаку, 25 ноември е Mеѓународен ден против насилство врз жените и со него започнува кампањата за активизам против насилство за жените. Кампањата завршува на 10 декември кога се одбележува Меѓународниот ден на човековите права. рт/аа/

Остани поврзан