• петок, 27 декември 2024

Во Струмица се одржа портрет на писателката, уредничка и едукаторка Ксенија Маказлиева Трајчева

Во Струмица се одржа портрет на писателката, уредничка и едукаторка Ксенија Маказлиева Трајчева
Струмица, 22 август 2022 (МИА) - Во Центарот за култура „Антон Панов“во Струмица се одржа потрет на писателката, уредничка и едукаторка Ксенија Маказлиева Трајчева по повод 30 години од објавувањето на нејзиниот прв расказ за деца и 20 години како одговорен уредник на списанијата за деца „Другарче“ и „Росица“ и изданија за деца. Портретот на Маказлиева Трајчева беше организиран како своевидно патување низ времето и низ волшебниот свет на творештвото за деца. За неа говореа промоторите Киро Донев, д-р Ана Витанова Рингачева и Тања Гошева, како и модераторите Сузана Мицева и Ѓорги Калајџиев. Во своето обраќање директорката на струмичката библиотека Тања Гошева истакна дека делата и списанијата за деца кои ги издава „Просветно дело“ и ги уредува Маказлиева Трајчева се постојано меѓу децата во библиотеката. - Ксенија ќе остане меѓу децата, меѓу возрасните, меѓу сите нас лицето кое не поврзува со списанијата за деца, ќе остане темелот на тоа што денеска го правиме и затоа го правиме овој портртет за неа. Вреди да се каже дека Ксенија секогаш е насмеана, секогаш е полна со убави зборови за Струмица и за струмичани. Таа се гордее со Струмица, но и струмичани се гордеат со неа, рече Гошева. Маказлиева Трајчева во обраќањето, присетувајќи се на своите почетоци, истакна дека се пронашла токму во уредувањето на списанијата за деца. - Целта на денешната средба е да пратиме порака до сите колку е важно да бидеме поддршка едни на други. Затоа што, ако Видое Подгорец беше тој што ги постави темелите на детската литература, па потоа и Киро Донев и многуте автори од тој период што работеа во „Детска радост“ како што се Рајко Јовчевски, Горјан Петревски, Ванчо Полазаревски, соработници Стојан Тарапуза, Васил Куновски, Васил Пујовски и многу други кои се имиња од нашето детство, ние сите учевме од нив, но тоа што јас не си го признавав себе си и тоа што го носам, веруваше Киро Донев. Многу е важно да имате таков човек во животот кој ќе ви даде поддршка, рече Ксенија Маказлиева Трајчева. На вечерашниот портрет беше организиран и настан за деца кои цртаа портрети на омилените јунаци од нивните списанија. Настанот го организираа Литаратурната манифестација „Средби под јаворите Видое Подгорец“ и ЛУБ „Благој Јанков Мучето“ од Струмица. рт/ев/

Остани поврзан