Во Струмица се одржа Меѓународен научен симпозиум „Локалните културни обележја како топоси во книжевноста за деца“
- Вчера и денеска во Струмица се одржа Четвртиот Меѓународен научен симпозиум „Локалните културни обележја како топоси во книжевноста за деца“ во организација на Здружението на граѓани „Средби под јаворите-Видое Подгорец“. Според организаторите, целта е да се најде врската меѓу книжевноста за деца, локалните културни обележја и нивната поврзаност при градењето на книжевното дело, но и нивната важност при градењето на културниот туризам.
Струмица, 14 декември 2024 (МИА) - Вчера и денеска во Струмица се одржа Четвртиот Меѓународен научен симпозиум „Локалните културни обележја како топоси во книжевноста за деца“ во организација на Здружението на граѓани „Средби под јаворите-Видое Подгорец“. Според организаторите, целта е да се најде врската меѓу книжевноста за деца, локалните културни обележја и нивната поврзаност при градењето на книжевното дело, но и нивната важност при градењето на културниот туризам.
Според професор д-р Ана Витанова-Рингачева од Организациониот одбор на Симпоизумот, книжевноста за деца претставува основа за потврдување на тезата дека локалните културно-историски обележја, препознатливи за струмичкиот регион, можат да бидат во функција на развој на културниот туризам.
-Придобивките од реализацијата на проектот се поливалентни. Од една страна ги детектираат и им даваат поголема видливост на малите локални културно-историски обележја кои со самото тоа што се вкоричени во книжевното дело, добиваат статус на трајност. Со тоа се прави позитивна промена на колективната свест за моќта на книжевноста во насока на зачувување и популаризација на културното наследството токму преку книжевноста како медиум. Културниот туризам и книжевноста недвосмислено се наоѓаат на мапата на интерес и на наставниците и истражувачите-научниците, кои од стручен и научен аспект се занимаваат со топосите (местата) кои се важни во градењето на едно книжевно дело. Такви примери во македонската книжевност за деца има многу, особено во делата на роднокрајниот автор Видое Подгорец, рече Витанова-Рингачева.
Професорката од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Катедрата за македонска книжевност и култура, Весна Мојсова-Чепишевска, смета дека мора да се посвети поголемо внимание на критиката за книжевноста за деца, но и на научното проучување и толкување.
-Ние мораме да се навратиме и на тој момент. Порано било така. Кога ќе излегла некоја книга, постоеле некои кои го читале тоа, го критикувале, го нуделе, затоа што критиката може да биде и лоша и добра, но, секоја критика е подобра од тоа да се молчи. Во таа смисла, мораме сите ние да работиме на тоа да се издигне науката за книжевноста за деца. Се случува една експлозија од книгите за деца, но не значи дека сите што напишале и сметаат дека тоа е книга за деца, дека тоа е соодветна книга за деца. Мораме да внимаваме на тој момент и да градиме компетентни критичари, вели професорката Мојсова-Чепишевска.
Таа посочува дека генерално мора да се насочи вниманието кон книжевноста за деца, бидејќи таа е еден од најважните делови на секоја национална литература.
-Ако ние не и посветиме доволно внимание на таа литература за деца, на книгите за деца, не можеме да очекуваме да имаме добра национална литература. Впрочем, читателите ги создаваме од мали нозе. Ако го научиме денешното дете да чита, да расне со приказни, да расне со песни, тогаш ќе очекуваме од него да биде компетенетен читател. Не само во основно и во средно, туку и како возрасен. Јас Подгорец во рамките на наставата го читам, но беше предизвик да најдам некои нови моменти со коишто ќе популаризира или повторно ќе се врати зошто е битен Подгорец и особено зошто е битно неговото култно дело Белото Циганче. Подгорец и времето во кое твори, дал некои теми кои и днеес се многу битни. Тоа е темата за мултикултурализмот, за интеркултурализмот, за емпатијата, за сочувството кон другиот. Тоа се теми за кои тој со широко ги пишува уште во шеесеттите години на минатиот век, додаде професорката Мојсова-Чепишевска.
Првиот симпозиум е организиран пред дваесеттина години на иницијатива на најблизскиот пријател на Подгорец, Киро Донев. Тој смета дека науката за книжевноста за деца е исклучително важна, не само заради селекција, туку и за популаризација на книжевните дела.
-На фестивалите за деца во регионот, речиси нераскинлив дел се трибините и симпоизумите за книжевноста за деца, бидејќи тие се исто така многу важни. А важно е да ги запознаваат и децата. Не само низ книгите, туку и низ разговорите се гради читателскиот сенс, вели писателот Киро Донев.
Симпоизумот е финансиски поддржан од Општина Струмица преку програмата Г1, а очекуваните резултати од реализацијата на проектот се откривање и презентирање на нови научни сознанија за локалните културни обележја, застапени во книжевноста. рт/сст/
Фото: Организатори