• сабота, 23 ноември 2024

Во Струмица се одржаа Бадникарски концерт и Бадникова поворка

Во Струмица се одржаа Бадникарски концерт и Бадникова поворка

Струмица, 6 јануари 2024 (МИА) - Во Струмица денеска се одржаа традиционалниот Бадникарски концерт и Бадниковата поворка, во организација на Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија и Школата за веронаука при храмот „Свети Кирил и Методиј", а со поддршка на Општина Струмица.

Одбележувањето на Бадник почна со Бадникарска поворка од Црквата „Свети Кирил и Методиј“, која се движеше до зградата на Општина Струмица, каде младите бадникари ги пречекаа градоначалникот Костадин Костадинов и Викарниот епископ Стобиски Јаков и притоа им поделија новогодишни пакетчиња.

Според градоналникот Костадин Костадинов, во пресрет на празникот над празниците има вистинска радост во Струмица.

-Имаше во почетоците обиди да се каже дека се косиме со секуларноста, но во текот на годината се потврдува оти секоја недела, секој втор ден во кабинетот на градоначлникот, во Општината, влегуваат деца. Има ли нешто посреќно на овој свет од овие прекрасни деца кои пеат бадникарски песни. Затоа, оваа традиција ќе продолжи и радува фактот што од година во година станува се помасовна, бидејќи лани имавме 80 деца, а годинава имаме 140 и имаме шанса да ги увериме луѓето да ги практикуваат вистиските вредности на овој свет и во овој живот, изјави Костадинов.

Викарниот епископ Стобиски Јаков рече дека денешниот Бадникарски концерт и поворка извира од црквата, бидејќи децата кои учествуваат биле на Светата литургија која се служела утрово во Црквата „Свет Кирил и Методиј“.

-Радоста која ја шират децата е радоста која ја доживуваат во црквата. Тие беа сведоци на раѓањето Христово, го примија Христос во светите тајни на црквата и таа радост му ја даваат на овој свет, му објавуваат дека Христос се роди, дека Бог се воплоди, стана човек, осиромаши заради нас, стана сличен на нас и дојде на овој свет за нас да не обогати, за да биде со нас и ние да бидеме со него. Раѓањето Христово е вечна гаранција за таа заедница меѓу Бог и човекот, оти Бог се воплоди и стана човек за човекот засекогаш да остане во прегратките Божји, изјави Владиката Јаков.

На Бадникарскиот концерт на Плоштадот „Гоце Делчев“ беше изведена богата црковна и културно-уметничка програма, а и во останатите општини во Струмичкиот регион беа организирани манифестации по повод Бадник.рт/бт/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан