• четврток, 26 декември 2024

Во Струмица почна изградбата на затворен училиштен базен

Во Струмица почна изградбата на затворен училиштен базен

Струмица, 29 август 2023 (МИА) - Во Струмица денеска почна изградбата на затворен училиштен базен, кој се гради во рамки на проектот за изградба на 14 такви базени во државата.

Според директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, изградбата чини околу 50 милиони денари, а базенот се очекува да биде изграден во наредните 24 месеци.

-По отворањето на повеќе спортски објекти во овој дел на Струмица, со изградбата на базенот, така да речам, ставаме шлаг на тортата, од кој најмногу корист ќе имаат децата и учениците и сите останати кои сакаат да спортуваат и пливаат. Голема благодарност до Општина Струмица која подготви брзи решенија за градбата и се надевам дека овој ќе биде еден од најбрзо направените базени, рече Мојсовски.

За градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, овој проект е баран од граѓаните, а Општината заслужува и треба да има затворен базен.

-Овој затворен базен значи нова содржина за сите категории на граѓани и за најмладите и за повозрасните. Значи заокружување на сериозен комплекс, а овде ни остануваат уште двете одбојкарски игралишта, едното бетонирано, другото на песок, со што заокружуваме еден отворен блок со можност за секакви спортски содржини во градот. Но, тоа значи раздвижување и поместување на паркот, затоа што граѓаните природно кога движат низ најголемата зелена површина - градскиот парк, имаат многу убава конекција со велосипедската пам патеката, со затворениот базен и новите одбојкарски игралишта коишто ќе се реализираат, рече Костадинов.

Инаку, базенот е со должина од 25 и ширина од 9 метри, а како што информираше директорот Мојсовски, покрај во Струмица изградба на такви базени ќе почне во четврток во Кавадарци и во Карпош на 4 или 5 септември.рт/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан