• четврток, 26 декември 2024

Во Струмица од утре почнуваат со работа 16 лични асистенти на ученици со попреченост

Во Струмица од утре почнуваат со работа 16 лични асистенти на ученици со попреченост
Струмица, 31 јануари 2022 (МИА) - Со почеток на второто полугодие од оваа учебна година, од утре со работа ќе започнат и 16 лични асистенти на ученици со попреченост вклучени во редовниот образовен процес во основните училишта во Општина Струмица и тоа 14 во Струмица и по еден во населените места Муртино и Градско Балдовци и за сите се обезбедени средства од општинската каса. Ова го соопшти градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов,  на редовната месечна средба со претставниците на здруженијата и организациите кои опфаќаат лица со попреченост и во социјален ризик. Тој потсети дека во ООУ „Видое Подгорец“ е отворена сензорна соба за педагошка поддршка за учениците со образовни потешкотии. -Ова е втора сензорна соба, првата е во ООУ „Сандо Масев“ во кое функционира и Центарот за поддршка на образованието на ученици со попреченост. Од областа на Програмата за социјална заштита обезбедена е просторија за психо-социјално советувалиште за реинтеграција и ресоцијализација на жени, жртви на семејно насилство во Повеќенаменскиот социјален центар, рече Костадинов. На средбата се разговараше и за други проблеми и предизвици за кои во наредниот период ќе се бараат решенија согласно општинските можности и овластувања. рт/аа/

Остани поврзан