• недела, 29 декември 2024

Во Струмица вечер промоција на сликовницата „Рокчето“ од Никола Маџиров

Во Струмица вечер промоција на сликовницата „Рокчето“ од Никола Маџиров

Струмица, 2 април 2024 (МИА) - Сликовницата „Рокчето“ од поетот Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска, вечер ќе биде промовирана пред книжарницата „Литература.мк“ во Струмица. Промотор на книгата, што е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина-публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска, а специјален гостин ќе е фолклористот Иван Котев.

Како што соопштија организаторите, со овој настан го одбележуваат Светскиот ден на книгите за деца.

-„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот. Зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од Иван Котев. Во неа, Маџиров еднакво е и поет и раскажувач. Приказната во книгата е поврзана со настанување на градот Струмица, а формата „приказна во приказна“ во текстот на Маџиров е изведена многу лирски, стои во поканата за овој настан.

Никола Маџиров (1973) е еден од најпознатите и најпреведувани поети од Македонија. Досега има објавено десетина книги на македонски јазик, вклучително и изборите поезија, а уште толку има објавено во земјите во странство. Како преведувач се јавува на петнаесетина книги поезија, раскази и романи. Неговата поезија е преведена на четириесет јазици во над педесет земји и објавувана во антологии и списанија во Европа, САД, Азија, Африка, Латинска Америка и Австралија. Добитник е на поетската награда „Хуберт Бурда“, којa му беше доделена од жирито чиј член беше добитникот на Нобеловата награда за 2019 година, Петер Хандке. Освен ова меѓународно признание, тој ги има добиено и светската награда за книжевност „ДЈС“ во Кина (2011), европската поетска награда „Левир литерер“ (2015) во Франција, наградата за придонес во современата европска поезија на колеџот „Кингс“ во Кембриџ (2016), главната поетска награда на меѓународниот поетски фестивал „Орфеј“ во Пловдив, Бугарија (2019), меѓународната поетска награда „Beijing Literature and Art Network“ во Пекинг, Кина (2021), националната награда за поезија „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и уште две поетски награди со национален предзнак: „Студентски збор“ и „Ацо Караманов“.

Пред промоцијата во Струмица, изданието беше претставено и во Скопје, во јануари, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.рт/цр

Фото: Организатори

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан