• четврток, 19 декември 2024

Во Струга 24. Летен регионален семинар на професорите по француски јазик

Во Струга 24. Летен регионален семинар на професорите по француски јазик

Струга, 22 јуни 2023 (МИА) - Францускиот институт во Скопје во соработка со француските амбасади и институти од земјите во регионот наредната седмица во Струга ќе го организираат 24. Летен регионален семинар, осмислен како педагошка обука што повеќе од две децении обединува на едно место професори по француски јазик од повеќе земји на регионот.

На програмата на годинешното издание на семинарот се педагошки работилници наменети за професорите од земјава, но и од поширокиот регион - Албанија, Србија, Косово, Црна Гора, Бугарија, Романија, Молдавија, Грузија и Ерменија, со главни цели истакнување на видливоста на францускиот јазик, зајакнување на неговото место во образовните системи на земјите на учесниците, создавање кохезија меѓу учесниците, како и остварување богати меѓусебни размени на професионални искуства меѓу професорите по француски и професорите кои предаваат нејазични дисциплини на француски јазик од Југоисточна Европа.

На собирот во Струга е најавено учество на стотина познавачи на францускиот јазик, со обучувачи експерти од Франција, кои ќе анимираат работилници на актуелни тематики врзани за наставата по француски јазик во рамките на образовниот систем.

На свеченото отворање на семинарот предвидено за понеделник, 26 јуни, е најавено присуство на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер, како и бројни соработници и партнери, претставници на Меѓународната организација на Франкофонијата, Регионалниот франкофонски центар (КРЕФЕКО), Меѓународната федерација на професори по француски јазик, Фондацијата „Бел Идеал“ од Париз, центарот КАЗНАВ од Париз, Образовниот центар за обука „Франкофонија“ од Ница, издавачката куќа КЛЕ Интернасионал и други. аб/сп/

Фото: ЛОГО

Остани поврзан