• петок, 27 декември 2024

Во Стоби се работи на Римскиот театар и на Епископската базилика

Во Стоби се работи на Римскиот театар и на Епископската базилика

Велес,13 јуни 2023 (МИА) -.Во археолошкиот локалитет Стоби активно се работи на два проекти - конзервација, реставрација и реконструкција и археолошки доистражувања на објект Римски театар. Со проектот раководи м-р Гоце Павловски. Годинава е единаесетта сезона за конзервација, реставрација, реконструкција и археолошки доистражувања на римскиот театар.

Со проектот пак, „Археолошки доистражувања и конзервација на архитектонски делови на Епископската базилика“ раководи д-р Силвана Блажевска.

Како што информира за МИА, портпаролот на НУ Стоби Марија Џунова, археолошките ископувања југоисточно од крстилницата на Епископската базилика во 2023 година се фокусирани на откривање на постариот објект од 4 век, чии делови (ѕидови и инсталации за вода) подоцна се искористени во двете фази на крстилницата.

Но, најпрво се откриваат и документираат помладите стратиграфски слоеви кои датираат од крајот на живеењето на градот (доцниот 6-ти или раниот 7-ми век). Во моментов се открива една печка или огниште со потковичеста форма, појасни Џунова.

Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско проектите ги реализира во рамки на годишната програма за проекти од национален интерес во културата за 2023 година, финансирани од буџетот на Владата, преку Министерството за култура.

Воедно, реализиран е проектот „Археолошко доистражување и изработка на Основен проект за конзерваторско реставраторски работи на плоштадот пред јужната порта  во Стоби“ со кој раководи м-р Јован Радњански, археолог.

Годинава фокусот беше на довршување на отпочнатите конзерваторско раставраторски работи на куртината А (сегмент) од т.н. јужно градско утврдување кои се спроведуваат во континуитет од 2020 година.

Покрај конзерваторските зафати, паралелно се изведуваа археолошки истражувања на мал дел од поплочениот плоштад пред влезот на јужната порта од внатрешна страна.

Целта на археолошките истражувања во 2023 година е утврдување на стратиграфска слика за слоевите под поплочениот плоштад кој се простира на поголема површина пред ново откриениот влез во градот. 

Јужната порта во Стоби е откриена во 2010 година. Истражена е во периодот помеѓу 2020 и 2023 година. Портата е изградена во 1 век од н.е. и служела како влез во градот до 6 век, кога истата е заѕидана со новоизграденото јужно утврдување, по што целосно излегува од употреба.ад/бт/


Фото/ МИА Архива и Стоби

Остани поврзан