Во Стоби завршуваат две меѓународни работилници со студенти од повеќе земји од светот
- Во археолошкиот локалитет Стоби денеска завршува работилницата за фотограметрија и 3Д археолошко снимање за документирање на историјата со најсовремени методи, а која се одржа за првпат. Работилницата ја следеле 9 учесници од САД, Кина, Индија и Бугарија.
Велес, 25 јули 2025 (МИА) - Во археолошкиот локалитет Стоби денеска завршува работилницата за фотограметрија и 3Д археолошко снимање за документирање на историјата со најсовремени методи, а која се одржа за првпат. Работилницата ја следеле 9 учесници од САД, Кина, Индија и Бугарија.
Воедно завршува и 14-та по ред работилницата за конзервација на римска и доцноантичка керамика што ја следеле 9 студенти од САД и Англија, вкупно 18 студенти во двете меѓународни работилници кои утре ќе ги добијат и дипломите за учество обука.
Гоце Павловски, археолог кустос, советник од Националната установа Стоби во изјава за МИА нагласува дека во текот на две седмици учесниците учеле како да ја документираат историјата користејќи најсовремени дигитални методи. Под менторство на проф. Џорџ Беван и Кристен Џонс од Queens University, Ontario, заедно со тимот од Balkan Heritage Foundation, студентите се обучуваа во компјутерска фотографија, терестријална и воздушна фотограметрија – техники што овозможуваат креирање и анализа на 3D податоци од археолошки ископувања.
Тој појасни дека преку овие нови методи документираниот објект потоа може да се премерува и разгледува од повеќе агли и да се изработува технича документација
-Со овој метод реалноста од терен ја пренесуваме на компјутер и потоа наместо постојано да мериме со метро или пантлика на терен ние сето тоа го работиме на компјутер, појасни Павловски.

Воедно, информира дека оваа година била изработена фотограметриска документација на ѕидовите на Куќата на Перистерија во Стоби, а која ќе послужи за изработка на конзерваторски проект.
На работилницата за конзервација на римска керамика која во Стоби се одржа по 14 пат ова лето, 9 студенти од САД и Англија учеа и практикуваа техники на конзервација во рамки на двонеделната програма организирана од НУ Стоби и Фондацијата Балканско Наследство.
Како што појасни Павловски, по воведните предавања за историјата на Стоби, глина и керамика, студентите првата недела работеле на реплики за да се запознаат со материјалите и методите. Попладневните часови ги посветувале на техничка документација.
Активностите во текот на оваа втора работна недела од оваа работилница која завршува денеска, се фокусирале на конзервација и реставрација на автентични керамички садови од збирката на НУ Стоби.
-Горди сме што го чуваме културното наследство и преку вакви и слични меѓународни работилници и проекти го споделуваме со млади ентузијасти од целиот свет, потенцира Павловски.ад/фф/
Фото: НУ Стоби