• среда, 25 декември 2024

Во Старо Нагоричане активен пожарот во Малотино и Жегљане, во Куманово во атарот на Кокошиње, Кшање и Мургаш

Во Старо Нагоричане активен пожарот во Малотино и Жегљане, во Куманово во атарот на Кокошиње, Кшање и Мургаш

Куманово, 30 јули 2024 (МИА) – Пожарот во Малотино и Жегљане, општина Старо Нагоричане е сè уште активен, а во Кумановско активни се пожарите кои избија вчера околу пладне кај Кокошиње, Кшање и Мургаш, соопшти денеска во видео-изјава, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Пожарот кој зафати ниска шума, вегетација, трева во моментов се гаси и со хеликоптери. Заменик градоначалникот на Општина Старо Нагоричане, Бобан Цветановски, вели теренот е непристапен.

– Таму цело време се присутни екипи на територијалната противпожарна единица, на јавното комунално претпријатие на „Национални Шуми“, екипи на противпожарни единици од соседни општини. Теренот е непристапен. Изгорени се неколку куќи, не ја знаеме точната бројка, изјави Цветановски.

Командирот на ТППЕ Старо Нагоричане, Далибор Трајковски кажа дека пожарот е на исклучително непристапно место.

– Едниот крак од пожарот се шири кон Враготурце, изјави Трајковски.

Регионалниот центар за управување со кризи Куманово соопшти дека вчера на подрачјето на оваа општина се гасел пожар и во Руѓинце, каде дејствувале пожарникари од Старо Нагоричане, Куманово и Кратово, а имало и опожарени куќи.

Пожарникарите од Куманово вчера и ноќва делуваа на големиот пожар помеѓу селата Кокошиње и Кшање. Како што соопшти ЦУК, едно лице го загуби животот, задушувајќи се од чад, додека неговата сопругата е евакуирана. 

Според командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски, вчера имало единаесет пожари.

Најкритично било на подрачјето помеѓу Кокошиње и Кшање села на подрачјето на општина Куманово во близина на Свети Николе. Таму горела сува трева, ниска деградирана шума.

– Вчерашниот ден беше доста турбулентен 11 пожари, регистрирани во општина Куманово има и една жртва во село Кокошиње. Меѓутоа пожарот во село Кокошиње сè уште е активен над селото каде е непристапен дел. Не може да се излезе ниту со возило, ниту пеш со вода за да се интервенира. Зафатена е и површина на соседна општина Свети Николе кај село Ѓуѓанце. Зафатена е поголема површина, има изгорено куќи немам точна информација, изјави Илиевски.

Според регионалниот центар за управување со кризи Куманово во атарот на Кшање и Кокошиње е интервенирано од 12:45 со четири противпожарни возила со 12 пожарникари.

Покрај ова, кумановските пожарникари интервенирале на опожарена сува трева кај Зебрњак, кај Никуштак, кај Филтер станицата. ам/ра/

Фото: МИА

 

Остани поврзан