• среда, 25 декември 2024

Во Србија почна контрола на чаеви

Во Србија почна контрола на чаеви

Белград, 8 декември 2023 (МИА) - Системот за брзо предупредување за безбедност на храна на Европската Унија (RASFF) на својата веб-страница објави дека од пазарот се повлекува чај од нане од Хрватска со суровина, листови од нане, купени во Србија, бидејќи се пронајдени пиролизидински алкалоиди во чајот опасни по здравјето, по што во Србија почна вонреден инспекциски надзор на чаеви, јави дописникот на МИА од Белград.

Станува збор за наливниот чај „мента лист“ на хрватски производител „Агристар“. Причината е што во чајот се пронајдени пиролизидински алкалоиди поради што ризикот по здравјето може да биде сериозен.

По повод ова предупредување се огласи и Министерството за земјоделство на Србија, кое потврди дека фирмата „Еуро хербс“ од Нови Сад го извезла чајот од нане (како полупроизвод) на хрватскиот купец „Агристар“.

-Со земање мостри на чајот на хрватскиот пазар тој е анализиран, лабораториски е утврдено дека содржи контаминант пиролизидин алкалоид во количина поголема од пропишаниот максимум, соопштија од Министерството за земјоделство.

Од таму потенцираа дека овој производ не е дистрибуиран на српскиот пазар и не е на залиха од први јануари годинава.

Како што се наведува, земјоделската инспекција извршила вонреден инспекциски надзор кај производителите во Србија и ги презела сите мерки од нејзина надлежност, а пошироката проверка на чаевите продолжува.

Пиролизидинските алкалоиди (ПА) можат да бидат многу токсични за луѓето, наведе независната компанија ЕПО која произведува висококвалитетни ботанички екстракти. Пиролизидинските алкалоиди ги произведуваат растенијата за да се одбранат од штетници и тревопасни животни и се идентификувани во приближно 6.000 ботанички видови.

Овие состојки можат да бидат многу опасни за црниот дроб и белите дробови, а случаите на токсичност на црниот дроб од внесување растенија со овие супстанции датираат од 1920-тите.

Најголеми ризици се за големите консументи на чаеви, билни инфузии и мед, но може да се контаминира и добиточната храна. Пиролизидинските алкалоиди можат да навлезат во оваа храна преку самоникнати растенија или во случај на мед.

Хрватската агенција за храна (ХАХ) наведува дека пиролизидинските алкалоиди во високи дози може да доведат до откажување на работата на црниот дроб, што може да резултира со смрт. Вообичаените хронични ефекти на ПA вклучуваат оштетување на црниот дроб, како и оштетување на белите дробови. об/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан