• среда, 25 декември 2024

Во Србија потрага по телото на Данка Илиќ (2) и дебата за „колективната траума“

Во Србија потрага по телото на Данка Илиќ (2) и дебата за „колективната траума“

Белград, 5 април 2024 (МИА) - Во Србија додека се уште трае потрагата по телото на убиената двегодишна Данка Илиќ, а граѓаните палат свеќи, паралелно се води дебата за колективната траума од информирањето на таблоидите, порталите, социјалните мрежи и јавноста во Србија за овој случај, јави дописникот на МИА од Белград.

- Ова беше тежок ден за сите кои се занимаваат со ментално здравје и кај сите што ги следеа вестите за Данка Илиќ психолошката рамнотежа беше нарушена, изјави психологот Бранислава Стевиќ.

Таа додаде дека дополнителна отежнувачка околност беа огромниот број сензационалистички вести, кои значително го нарушија психолошкиот баланс на луѓето кои секојдневно ги следеа и читаа вестите.

Напливот на сензационалистичките вести беше повод за реакција на министерот за информации и телекомуникации на Србија, Михаило Јовановиќ, кој ги повика сите медиумски куќи и новинари да се однесуваат со најголема одговорност, почит и внимание при известувањето за убиството на двегодишното девојче во Бор.

- Важно е во овие тешки моменти да се земе предвид достоинството на жртвата и нејзиното семејство и да се избегнат какви било шпекулации или непроверени информации, рече Јовановиќ.

Тој побара од медиумите да се воздржат од сензационалистички пристап кој може дополнително да ја вознемири јавноста и да ја наруши приватноста на семејството на жртвата.

И Советот за печат ги повика сите новинари и уредници „веднаш да престанат со скандалозното, сензационалистичко, вознемирувачко и срамно известување за смртта на двегодишното девојче од Бор и да покажат минимум почит кон жртвата, како и обѕир и внимание и сочувство за нејзиното семејство“.

„Пријателите на децата на Србија“ упатија итно барање до Министерството за информации и телекомуникации строго да ги санкционира медиумите кои на дехуманизиран начин јавуваат за смртта на Данка Илиќ, по службена должност и согласно законот.

- Пишувањето на таблоидите овие десет дена откако исчезна девојчето може да се нарече како големо злосторство, изјави уредникот на неделникот Радар, Милан Ќулибрк, нагласувајќи дека „веќе не се согласува тие да се нарекуваат медиуми и новинари“.

Во дебатата за „поразот на човековото битие со објавување непроверени информации“ или „целосен недостиг на емпатија“, Нова.рс излезе со наслов „Зошто сакавме да ја обвиниме мајката: Случајот на малата Данка и нашите чудовишта“ авторот пишува: - А ние? А јас? Дозволив моите трауми да ме совладаат и поразат, да се препуштам на најстрашните нагони за коментирање, судење. Да ги хранам порталите со моите кликови и со тоа да барам повеќе „информации“, повеќе вести...? Недоверба во надлежните органи, кои додека го бараат детето три недели не можат да најдат ниту една возрасна особа, калта од медиумите во кои се валкаме, па и убијците на Данка, се само огледало на нашето општество. Ние самите. Ние не сме ништо подобри од нив. Вечерва никој нема да спие помирно затоа што е пронајдена Данка. За помирен сон, ќе мора да станеме подобри луѓе и подобро општество. Па, да почнеме од себе. об/паг/

Остани поврзан