• сабота, 16 ноември 2024

Во Собранието се претставуваат кандидатите за именување на членови на Советот на АВМУ

Во Собранието се претставуваат кандидатите за именување на членови на Советот на АВМУ

Скопје, 13 ноември 2024 (МИА) - На собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска на јавна расправа се претставуваат кандидатите кои ги исполнуваат условите по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Станува збор за 24 кандидати кои се борат за седумте нови места во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Профилот на кандидатите за членови на Советот е разнолик и дел од нив се правници, новинари, аналитичари, информатичари, а има и актуелни членови на Советот, но и вработени на други позиции во АВМУ.

Пратеничка Илире Даути од Алијанса за Албанците во своето процедурално обраќање на почетокот на јавната расправа, посочи дека одредени кандидати не треба да бидат на листата и повика истите од морални причини да се повлечат.

-Мислев дека дел од кандидатите денеска нема да се на листата, или од морални причини ќе се повлечат самите, или Комисијата тоа ќе го направеше професионално. Јас никако нема да прифатам да бидам дел од една ваква политизација на медиумите. Ние вчера имавме реакција како политичка партија Алијанса за Албанците и не се занимаваме со политизација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, рече Даути.

Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски во својата реплика појасни дека треба да се одважат да направат еден важен процес на избор на кандидатите и тој процес да заврши транспарентно.

-Ние неколку пати ги прочитавме условите, кој ги исполнува условите да бидат кандидати, а кои не. Жалам што и на денешната седница, колешката сака да направи сомнеж врз процесот, но и врз сите процеси кои се случуваат во оваа Комисија. Најпрвин, не е коректно и мислам дека се одваживме да направиме еден важен процес, процес на избор на АВМУ и тој процес да го извршиме транспарентно. Ќе ве замолам сите да ги читаме препораките од Европската Унија и да работење на градење на човечки потенцијали, додаде Сајкоски.

Првиот кандидат, Сашо Стефановски од Скопје, во своето претставување денеска на јавната расправа рече дека како медиумски работник почнал да работи од 1987 година. Тој работел во секторот за продукција на работното место снимател, при што посочи дека остварил значајни резултати.

-Најмногу работев во информативна програма, работев на вести и интервјуа, а имам искуство и во меѓународни конференции, во поставување на технички поврзувања на траси со телевизијата со репортажни коли и сателити. Во времето на интернет ми се олесни работата. Исто така, бев поставен на раководно место на Одделението за слика, каде се произведува слика, а сум работел и на технички работи за тон и видео, рече Стефановски.

Тој додаде дека се пријавил на огласот со цел, со своето искуство да допринесе во развојот на АВМУ, преку креирање на поголема професионалност во јавните медиуми. Напомена дека ги поддржува заложбите за заштита на слобода на изразување, за развој и квалитетот на медиумски услуги, а создавање поголем квалитет во однос на амитување на програмите.

Кандидатката Нафие Селмани од Скопје, рече дека нејзиното прво ангажирање било на 16 години во невладина организација, кога всушност била ангажирана да работи на еден проект, додека првото работно искуство го стекнува како студент во прва година, како раководител на емисија во приватно радио.

-Токму со ова ги направив првите чекори во областа на медиумите и новинарството. Работев како новинарка четири години, а потоа во 2005 година во Град Скопје во секторот за односи со јавноста. Имам големо искуство со новинарството и односи со јавноста. Исто така, волонтирав и во невладини организации и проекти, а ентузијаст сум и на еколошки проекти. Доброволно работев на проекти поврзани со родовата рамноправност, а изразував интерес и за проекти поврзани со социјаното право, како и медиумските проекти, рече Селмани во своето претставување на расправата.

Таа напомена дека нејзиното 25 годишно работно искуство во медиумите, во новинарството и односи во јавноста може позитивно да придонесе во унапредувањето на квалитетот на АВМУ. 

Кандидатката Драгица Љубевска, од Скопје, напомена дека раководела во повеќе меѓународни проекти, во доменот на дигитализацијата, а го посочи и проектот ИПА 2011, наменет за зголемување на капацитетот на АВМУ.

Таа од 2002 година е дел од АВМУ, а во моментот раководи со Секторот за поддршка на работата на директорот и Советот на Агенцијата. 

-Одговорна сум за меѓународната соработка, евроинтеграциите и односи со јавноста. Според мене, потребно е да се интензивира соработката со медиумските регулатори, но и да се продлабочи размена на искуства и добрите практики, рече Љубевска.

Кандидатот Миле Бошњаковски од Скопје денеска не беше присутен на јавната расправа во Собранието, откако вчера на Фејсбук објави дека донел одлука да ја повлече неговата апликација за член на Совет на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, бидејќи во момент одлучил дека ќе дадам приоритет на други професионални обврски.

Пратеничка Илире Даути во своето излагање ја поздрави одлуката на Бошњаковски да не се појави, и напомена дека се надева оти секој ќе може сам на истиот начин како Бошњаковски да се повлече, доколку не ги исполнува критериумите.

Кандидатот Петар Џуровски од Скопје, за време на своето претставување рече дека е дипломиран филмски и ТВ монтажер кој од 2015 година е задолжен за односите со јавноста на Македонската навигација за воздухопловство (М-НАВ).

-Моето искуство во маркетинг е над десет години. Во М-НАВ работам седум години односи со јавноста, и мислам дека за мене а „апгрејд“ да бидам дел од АВМУ. Можам да придонесам во Агенцијата во нејзино унапредување. На медиумите треба да им се покаже во која насока треба да работат. Медиумот не треба да работи како приватна институција, туку треба да се знае што смее да се пушти во етер. Би сакал да ја модернизирам Агенцијата и да дадам нов стил во нејзиното работење, рече Џуровски.

Кандидатката м-р Емилија Петреска-Камењарова, од Скопје, е експертка во сферата на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги. 

-Имам завршено магистратура по комуникации, а освен истражувањата што ги имам реализирано како комуниколог за АВМУ, имам реализирано и истражувања надвор од државата, како еспертка за прашањата поврзани со говорот на омраза, прашањата на родот и медиумите, како да се обезбеди родова еднаквост на повисоко ниво во медиумите. Работам во полето на медиумска писменост, координаторка сум на Мрежата за медиумска писменост. Ги имам поминато сите скалила во Агенцијата, ги имам работено сите можни прашања и области, меѓу кои прашања за дискриминација, борбата против говор на омраза во медиумите. Исто така, работиме редовно на прашањата за родот, но и за пристапноста, рече Петреска-Камењарова на денешната јавна расправа.

Во врска со тоа што би придонела како член на Агенцијата, таа посочи дека е потребно да се сменат прашањата на медиумската концентрација.

Кандидатот Шабан Далипи има повеќе од триесет години искуство во медиумската сфера. Тој известувал за воени конфликти и реализирал емисии од политички и економски карактер, но го организирал и фестивалот на убавина „Мис Мјелма“ кој шест години се одржувал во Струга и Поградец.

-Во 1990 година работев во МРТВ, а потоа работев како новинар во Кичево, каде што бев уредник во локална радио телевизија. Низ годините имам соработувано со повеќе медиуми во државата но и надвор од државата. Добитник сум на повеќе награди, кои пошироко се евидентирани во мојата биографија, автор сум на четири книги, две од нив се од областа на публицистиката, појасни Далипи.

Тој рече дека доколку биде избран за член на АВМУ, ќе работи во создавањето на редовно и ефективно функцинирање на АВМУ, напоменувајќи дека се потребни корекции во Законот за медиуми, особено во делот на усогласување со актите на ЕУ.

Кандидатката д-р Андиана Скерлев-Чакар од Скопје е експерт за медиумска политика и регулација. Таа станала дел од Советот за радиодифузија во 1998 година, по што преминува во телото кое го замени, односно во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

-Мислам дека сум добар кандидат, затоа што ја познавам медиумската слика и го следам развој на медиумите долго време. Правник сум со 30 години искуство и сум добар познавач на домашна и меѓународна медиумска регулација. Убедена дека со своето знаење и познавање на процесите во Агенцијата и со моето досегашно искуство, можам да помогнам во јакнење на Агенцијата во општеството но на меѓународно ниво, рече Скерлев-Чакар.

Таа додаде дека е потребна работа во поглед на справување со лажните вести, со говорот на омраза, но напомена дека ќе се заложи и да нема дискриминација во општеството од секаков вид, вклучително и од мобинг на работното место.

Кандидатот Лазо Петрушевски од Велес е помошник раководител на Секторот за информатички технологии и модернизација на Град Скопје. Во својата професионална кариера, како што рече, има светски признати сертификати за програмирање. Тој напомена дека се надева оти идниот состав на Советот на Агенцијата ќе работи онака како што бара од медиумите да работат.

-Се надевам дека идниот состав на Советот е да работи онака како што бара од медиумите. Јас морам да потенцирам дека новинарите и медиумите се во многу тешка состојба од финансиски аспект, и без економски напредок, многу тешко ќе биде за медиумите, додаде Петрушевски.

По пауза од 30 минути, јавната расправа продолжи со претставување на кандидатот Зоран Фиданоски од Скопје. бт/ац/

Фото: принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан