• сабота, 23 ноември 2024

Во Собранието одбележан месецот за подигнување на свеста за рак на дојка

Во Собранието одбележан месецот за подигнување на свеста за рак на дојка

Скопје, 28 октомври 2024 (МИА) - Во Собранието денеска беше одбележан месецот за подигнување на свеста за рак на дојка, настан во организација на собраниската Комисија за здравство.

Како што рече претседателката на Комисијата, Рашела Мизрахи, целта на овој настан е да се подигне свеста за борбата против ракот на дојка како една од најфрекфентните дијагнози на малигноми во државава и светот.

Таа подвлече дека клучот за успешноста на оваа борба е во заедничкото работење на релевантните државни институции, заедно со претставниците на организациите и пациентите кои се афектирани од оваа болест.

Мизрахи истакна дека секако, најголем акцент треба и ќе биде ставен на превенцијата на оваа болест, но и на ефективноста на методите за дијагностика и третман.

- Заради тоа, собраниската Комисија за здравство веќе презема активности и покрена иницијатива за меѓуинституционална соработка за обезбедување најпрво на статистика за најфрекфентните дијагнози на малигноми во државата, а веднаш потоа и воспоставување на систем и активности за рана детекција и третман. Исто така, во рамки на истата комисија, веќе координираме работна група составена од чинители од здравствениот систем од сите нивоа кои се релевантни за превенцијата, дијагностиката и третманот на карциномот на дојка, нагласи Мизрахи.

Заменик министерот за здравство, Јовица Андовски, исто така, се осврна на подигање на свесноста за важноста на раната дијагноза и превенција на ракот на дојка преку директно информирање на населението, посебно жените, за превентивните мерки и редовните прегледи, како и поттикнување на жените за пријава за навремен скрининг.

- Сакам да истакнам дека во месец октомври, Министерството за здравство во рамките на Националната програма за скрининг и рана детекција на рак на дојка, а во соработка со Националната комисија за скрининг и рана детекција на рак на дојка, Светска здравствена организација, Фондот за население на Обединетите Нации, јавните здравствени установи, како и многубројни граѓански и општествено- одговорни организации, ја демонстрираа својата заложба за здравјето на жените и со нивна подршка се организираа октомвриски трибини низ повеќе градови низ државата, рече тој.

Заменик министерот истакна дека ракот на дојка е најчестата форма на рак меѓу жените, не само во нашата држава, туку и на глобално ниво.

- Иако постојат значајни напредоци во медицината, раната детекција и превенцијата остануваат нашите најсилни алатки во борбата против оваа болест. Со рано откривање, шансите за успешно лекување и подобрување на квалитетот на животот значително се зголемуваат. Министерството за здравство секогаш ќе биде подршка на здравјето на сите наши граѓани, додаде Андовски.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, рече дека ракот на дојка, секоја година е причина за загуба на низа животи низ целиот свет, а и во нашата земја.

- Сакам да истакнам дека сите ние можеме да дадеме мал придонес за подигнување на свеста, не само на тие кои можат да бидат загрозени, туку и на тие кои ги креираат и имплементираат здравствените политики, со цел да бидеме причина за намалување на бројот на заболени од овој вид на карцином. Кога ги читаме јавно достапните информации дека околу 10 отсто од женската популација во светот е опфатена од овој тип на карцином, а околу 20 проценти од нив умираат од оваа болест, со што оваа болест станува втора по бројот на причинителите за смрт кај жените, не можеме да бидеме рамнодушни и да не се организираме за превенција, бидејќи како што веќе сите знаеме, најуспешното лекување е спречувањето на здравствените проблеми. А како што е познато, единствената можност за успех во лекувањето, следствено и на ракот на дојката, е само раното откривање на карциномот, подвлече Гаши. бд/нд/

Фото: МИА 

Остани поврзан