• сабота, 23 ноември 2024

Во Собранието за малку избегнат инцидент со можна физичка пресметка

Во Собранието за малку избегнат инцидент со можна физичка пресметка

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) – На денешната седница во Собранието, посветена на пратенички прашања, беше избегнат инцидент со физичка пресметка меѓу пратеници од Левица и ВМРО-ДПМНЕ. 

Инцидентот започна кога пратеникот Реџеп Исмаил од Левица постави пратеничко прашање до премиерот Христијан Мицкоски, иако тоа претходно не било најавено писмено, како што налага Деловникот. На тоа процедурално реагираше координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски кој обвини дека се изигруваат правилата. Откако за процедурална реакција се пријави Борислав Крмов од Левица и почна да се движи кон говорницата дојде до препирки меѓу лидерот на Левица, Димитар Апасиев и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. 

Апасиев беше видно изнервиран и од своето место почна гласно да довикува и да замавнува, па дури и ги фрли слушалките по што притрчаа пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Да не дојде до физички контакт меѓу нив спречија пратениците Амар Мециновиќ, Реџеп Исмаил и Борислав Крмов од Левица кои го вратија Апасиев на своето место по што тој продолжи да довикува и да се заканува. 

Со цел да спречи натамошна ескалација, претседателот на Собранието Африм Гаши го повика обезбедувањето и даде 10-минутна пауза. вј/бак/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан