• недела, 24 ноември 2024

Во Скопје се одржува Меѓународна обука за експерти на тема „Спорт за развој“

Во Скопје се одржува Меѓународна обука за експерти на тема „Спорт за развој“
Скопје, 1 септември 2022 (МИА) – Во македонската престолнина од 29 август до 3 септември се одржyва Меѓународната обука за експерти на тема „Спорт за развој“. Ова е прва ваква обука во една земја од Западен Балкан. На спортско-педагошката обука присуствуваат 25 тренери од 10 држави. Целта на обуката е доусовршување и размена за методот ‘спорт за развој’. Настанот се одржува во рамките на одбележувањето на 30 години германско-македонска соработка. Настанот беше свечено отворен заедно од страна на Генералниот секретар на МОК,  Сашо Поповски и директорот на ГИЗ за Северна Македонија, Давид Оберхубер. Германската амбасадорка во Северна Македонија Анке Холштајн го посети настанот за да се запознае повеќе со пристапот на „Спорт за развој“ и да размени искуства со учесниците. Зајакнување на улогата на спортот како важен поттикнувач на целите за одржлив развој на Обединетите нации“ – вака Олимписката агенда 2020+5 го нарече Олимпиското движење. И Германската олимписка спортска конфедерација (DOSB) и Олимпискиот комитет на Северна Македонија (МОК) веруваат во потенцијалот на спортот за социјален развој во аспекти како што се социјалната кохезија, родовата еднаквост, инклузијата и здравјето, да наведеме неколку. Имајќи го ова на ум, DOSB и МОК ја организираат меѓународната стручна обука во соработка со програмата „Спорт за развој“ на Германско друштво за меѓународна соработка – ГИЗ (Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit GmbH - GIZ). - Тоа е прво издание што се одржува на Западен Балкан. Во текот на шест дена, експертот за DOSB, д-р Каролин Браун и Надица Јовановиќ, македонски експерт за ‘спорт за развој’, ја модерираат размената помеѓу учесниците и обезбедуваат напредни знаења за методологијата S4D. Посебен фокус е ставен на размената на искуства и влијанието што спортот и физичката активност го нудат за постигнување на Целите за одржлив развој (SDGs). Целта е дополнително да се зајакне овој холистички, социјално ориентиран пристап во локални, национални и меѓународни спортски и образовни структури. Преку овие спортски педагошки програми, децата и младите ги учат не само основите на спортот, туку и како да преземат одговорност, да се однесуваат праведно и да ги решаваат конфликтите на мирен начин. Тоа се клучни квалификации и секојдневни вештини кои го олеснуваат заедничкиот живот или влегувањето во професионалниот свет, соопшти организаторот. Учесниците на обуката не само што ја предаваат методологијата ‘спорт за развој’ на целната група на деца и млади, туку го мултиплицираат концептот на други обучувачи, социјални работници и наставници во нивните матични земји. Експертите за ‘спорт за развој’ ги претставуваат земјите партнери на германската развојна соработка и организациите членки на DOSB, МОК и други национални олимписки комитети. Тие доаѓаат од Албанија, Босна и Херцеговина, Колумбија, Етиопија, Германија, Кенија, Косово, Северна Македонија, Србија и Уганда. зс/

Остани поврзан