• четврток, 19 декември 2024

Во Скопје Саем за вработување во организација на Стопанската комора и Ромалитико

Во Скопје Саем за вработување во организација на Стопанската комора и Ромалитико

Скопје, 4 декември 2024 (МИА) – Претставници на 25 компании членки на Стопанската комора денеска директно разговараат и интервјуираат околу 130 невработени Роми во рамки на Саемот за вработување организиран од Ромалитико во соработка со Стопанската комора.

-Ромалитико за првпат организира ваков саем како уникатна можност да ја помогнеме вработливоста кај ромската заедница. Целта на настанот е ромската заедница денеска да има директни интервјуа со приватните компании со цел побрзо да се вработат, изјави извршниот директор на Ромалитико, Елвис Шакири пред почетокот на Саемот за вработување што денеска се одржува во Скопје.

Нагласи дека Ромалитико во изминатиот период успеало да поврзе околу 420 невработени Роми со компании од приватниот сектор.

Претседателката на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките при Стопанската комора, Наташа Јаневска рече дека увозот на работна сила во земјава не се покажа како најдобро решение и додаде дека токму недостигот на работна сила е еден од клучните проблеми со кои се соочуваат компаниите поради што трпи и целата македонска економија.

-Стопанската комора, која сака да го привлече работоспособното население во нашата држава, токму затоа организира вакви саеми за да можат компаниите да ги надополнат работните места со стручен кадар. Саемот треба да претставува можност и за останатите компании да дојдат до побрзо вработување на лицата кои се на располагање во нашата држава, а со тоа да придонесеме за поголема продуктивност на компаниите и на македонската економија, рече Јаневска.

Покрај саемите, Стопанската комора, како што кажа, работи и во делот на дуалното образование за подготовка на стручен кадар со побрза вработливост, но и преку Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките се труди да обезбеди побрз и поефикасен начин на вработување преку преквалификација, доквалификација и обука на невработените лица.

-Како Стопанска комора често размислуваме како да им помогнеме на македонските компании и нашата цел е преку ваквите саеми и преку обуките за преквалификација и доквалификација да им помогнеме ним и на македонската економија во целост. Се обидуваме да најдеме кадар за преквалификација и доквалификација со посредување на Агенцијата за вработување, но често ни се јавуваат и поединечни лица и врз основа на тоа ние организираме обуки на барање на компаниите. По завршување на обуките компаниите имаат можност да ги вработат лицата кои ги посетувале, потенцира Јаневска. вј/ев/

Фото: Притнскрин

   

Остани поврзан