• вторник, 24 декември 2024

Во Скопје одбележани 57 години од Елисејскиот договор меѓу Франција и Германија

Во Скопје одбележани 57 години од Елисејскиот договор меѓу Франција и Германија
Скопје, 23 јануари 2020 (МИА) - Историското помирување меѓу Германија и Франција пред 57 години познато како Елисејски договор денеска го одбележаа амбасадите на двете земји во Северна Македонија со проекција на еколошкиот филм „Тајната на шумата“ од Лик Жаке. Амбасадорот на Германија во Скопје, Томас Гербер истакна дека Договорот е основа на историското помирување меѓу двете земји, врз основа на кој сојузната канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Мануел Макрон минатата година го потпишаа договорот за соработка и интеграција во Ахен. -Со нив сакаме да се справиме со последиците од 21 век. По тој повод, денеска ќе го погледнеме филмот „Тајните на шумата“ од Лик Жаке кој ја раскажува приказната за една тропска шума. Темата е интересна за сите нас, за Германија и Франција, но и за Северна Македонија бидејќи покажува колку е фрагилен нашиот свет и колку е значајно, имајќи го предвид уништувањето на животната средина која зема замав, сите ние да покажеме поголемо внимание во односот со нашите ограничени ресорси, порача Гербер. Првиот советник во Амбасадата на Франција и вршител на должност во отсуство на амбасадорот, Станислас Мрозек нагласи дека Договорот за Француско-германското пријателство е момент на блискост и спојување. -Бевме сведоци на несогласување и на тензични моменти, проширувањето на ЕУ беше едно од нив, но и едно од најважните. Токму денес повторно ја наоѓаме автентичноста и цврстината на нашите односи. Се прикажува филмот на Жаке прво затоа што е кинематографија, а токму преку седмата уметност Северна Македонија е препознатлива во светот со номинирањето на „Медена земја“ за Оскар. „Тајната на шумата“ ја покажува посветената битка која ја водат Франција и Германија против климатските вонредни состојби, истакна Мрозек. Темата на филмот „Тајната на шумата“ е џунглата како еколошки систем. Врз основа на густите шуми во Франција, Перу и Габон, се гледа во историјата на еволуцијата, но, исто така, се упатува на опасноста што се крие во иднината доколку природата не се заштити соодветно. бк/бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан