Во светот регистриран пад на продажбата на мобилни телефони
- Во светот во вториот квартал од годината продадени се 316 милиони паметни телефони или девет проценти помалку во споредба со истиот период од 2021 година. Падот на продажбата се должи на инфл
Сингапур, 23 јули 2022 (МИА) - Во светот во вториот квартал од годината продадени се 316 милиони паметни телефони или девет проценти помалку во споредба со истиот период од 2021 година. Падот на продажбата се должи на инфлацијата и другите економски препреки, се наведува во извештајот на аналитичката компанија Каналис (Canalys).
И покрај вкупниот пад, продажбата на паметни телефони на Епл (Apple) и на Самсунг (Samsung) и понатаму се на првите две места по продажба, како и меѓу првите пет, кои единствени го зголемиле пазарниот удел.
Самсунг сè уште е број еден во светот и по вториот квартал од 2022 година има најголем пазарен удел во однос на испораките на паметни телефони, со 21 отсто, што е зголемување од 18 проценти во споредба со истото тримесечје од 2021 година, додека втор е Епл со пазарен удел од 17 отсто, исто така зголемен, од минатогодишните 14 проценти.
Меѓу првите пет добавувачи кои бележат пад од три до еден отсто на продажбата се Шаоми (Xiaomi), Опо (Oppo) и Виво (Vivo). Шаоми минатата година имаше 17 отсто удел на пазарот, а годинава 14, додека Опо од 11 падна на 10, а Виво од 10 на девет проценти.
Според аналитичарите на Каналис, прекумерната понуда на телефони од средна класа и цена, доведува до трупање на резерви поради тоа што купувачите поради инфлацијата купуваат телефони со пониски цени и се очекува продавачите да ги засилат промоциите и специјалните понуди во наредните месеци за да ја поттикнат продажба и пред периодот на празници кон крајот на годината. ми/