• сабота, 23 ноември 2024

Во САД почна првото судење против климатски промени

Во САД почна првото судење против климатски промени

Вашингтон, 12 јуни 2023 (МИА) - Во американската сојузна држава Монтана почна првото судење против климатските промени, откако десетина млади луѓе поднесоа тужба против државните власти за кршење на нивното уставно право на „чиста и здрава животна средина“.

Шеснаесетте тужители, на возраст од пет до 22 години, тврдат дека „опасните ефекти на фосилните горива и климатската криза“ им наштетиле, при што децата се „исклучително ранливи“ на тие ефекти, кои само се влошуваат.

Случајот, познат како Хелд против Монтана, се следи внимателно бидејќи неговиот исход би можел да влијае врз други тужби во САД, насочени и кон индустријата за фосилни горива.

Судењето се одржува во градот Хелена, главниот град на Монтана и се очекува да продолжи до 23 јуни. Тужителите не бараат отштета, туку бараат да се прогласи дека им се повредени правата.  Државата неколку пати се обиде да ја отфрли тужбата поради прекршување на процедурата, но на 6 јуни државниот Врховен суд даде дозвола да започне судењето.

Десетици тужби се поднесени во САД против компаниите за фосилни горива поради нивното влијание врз климата.

- Кога станува збор за климатските активности, американската правда никогаш не била поважна, изјави поранешниот советник за климата на претседателот Барак Обама и член на Советодавната група за климатски кризи, Алис Хил. мс/ми/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан