• среда, 25 декември 2024

Во САД загаден воздухот поради пожарите во Канада

Во САД загаден воздухот поради пожарите во Канада

Отава, 28 јуни 2023 (МИА) -  Во Канада во моментот активни се околу 500 шумски пожари, од кои половина се надвор од контрола. Пожарите предизвикаа загадување на воздухот и во САД, но и во Европа.

Провинцијата Квебек се соочува со историска и особено рана сезона на пожари. Според проценките, оваа криза најверојатно ќе продолжи бидејќи се уште не е достигнат врвот на летото.

Квалитетот на воздухот денеска е лош и во Торонто, а се очекува во текот на денот нагло да се влоши во Отава, објавија канадските власти.

Жителите на американскиот Среден Запад денеска повторно се разбудија од силно загадениот воздух и чадот од шумските пожари во Канада. Во Чикаго, третиот најнаселен град во САД, небото втор ден по ред беше сиво, а голем број од жителите носеа маски. Надлежните советуваа да се ограничи престојот на отворено, особено за децата и бремените жени. 

Во Детроит, пак, индексот на загаденост на воздухот покажува ниво кое е многу штетно за здравјето. Се очекува чадот да се движи кон исток и да стигне до областа Вашингтон во текот на денот или ноќта.

Властите во Њујорк ги предупредија жителите дека квалитетот на воздухот ќе се влоши денеска и утре и организираа дистрибуција на маски.

НАСА на 26 јуни објави дека чадот од канадските пожари стигнал до југозападна Европа и објави сателитска снимка на која се гледа сив облак над северна Шпанија и Португалија.

Сепак, квалитетот на воздухот таму сепак треба да остане прифатлив бидејќи, кога чадот ќе стигне до Европа, се наоѓа во горните слоеви на атмосферата, прецизира НАСА. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан