• четврток, 26 декември 2024

Во САД животниот век за време на пандемијата скратен за една година

Во САД животниот век за време на пандемијата скратен за една година
Вашингтон, 18 февруари 2021 (МИА) - Просечниот животен век во Соединетите Американски Држави е скратен за една година во текот на првата половина на 2020 година, кога пандемијата на коронавирус доведе до првиот бран смртни случаи, соопштија здравствените власти. Малцинствата се најтешко погодени, така што очекуваниот животен век на Афроамериканците е скратен за скоро три години, а на припадниците на шпанската заедница за скоро две години, според првичните проценки на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). - Тоа е огромен пад. Треба да се вратите до Втората светска војна, во 40-тите години на 20 век, за да пронајдете таков пад, рече Роберт Андерсон, одговорен за статистика во ЦДЦ. Други здравствени експерти проценуваат дека новите податоци за животниот век покажуваат длабоки последици од Ковид-19, не само кога станува збор за смртни случаи како резултат на инфекцијата, туку и поради срцеви заболувања, рак и други болести. Во првата половина на минатата година, вкупниот животен век на Американците беше 77,8 години, што претставува пад за една година во споредба со 78,8 во 2019 година. Просекот кај мажите е 75,1 година, а кај жените 80,5 години. паг/

Остани поврзан