• четврток, 26 декември 2024

Во рамките на ЦДУ/ЦСУ расте притисокот врз Лашет

Во рамките на ЦДУ/ЦСУ расте притисокот врз Лашет
Берлин, 28 септември 2021 (МИА) - Два дена по изборите и историскиот пораз на Христијанско - демократската унија ЦДУ/ЦСУ, расте притисокот во партијата врз главниот кандидат и претседател на ЦДУ, Армин Лашет, да се откаже од амбициите за формирање влада, а се погласни се и оние што бараат негова оставка.
„Сега треба понизно и со почит да ја прифатиме волјата на гласачите кои избраа промени“, изјави за АРД, Бернд Алтусман, шеф на Христијанско - демократската унија (ЦДУ) за сојузната покраина Долна Саксонија.
Со таа изјава, тој се придружи на се поголемиот број истакнати членови на ЦДУ кои бараат „нов почеток“.
- Ги загубивме изборите. Точка. Сега останува на СПД, Зелените и Либералите да се обидат да формираат нова влада, рече младинскиот претседател на ЦДУ, Тилман Кубан.
И членот на претседателството на ЦДУ и федерален премиер на Хесен, Волкер Буфиер смета дека Унијата не добила налог од гласачите за формирање нова влада.
Кандидатот за канцелар на овие избори и претседател на ЦДУ, Лашет и натаму  инсистира на тоа дека Унијата, и покрај рекордната загуба на гласови (8,9 проценти) и историски најлошиот резултат на федерални избори (24,1 проценти освоени), треба да почне да разговара со Либерално - демократската партија (ФДП) и Зелените за составување на т.н. Јамајка коалиција.
Либералите и Зелените соопштија дека прво ќе разговараат меѓу себе пред да започнат преговори со една од партиите што би можела да биде поголем партнер во идната влада. паг/
   

Остани поврзан