• петок, 27 декември 2024

Во Пустец утре промоција на првиот том собрани дела на Спасе Мазенковски

Во Пустец утре промоција на првиот том собрани дела на  Спасе Мазенковски

Дебар, 10 октомври 2023 (МИА) – По повод 70 години од раѓањето на големиот македонски патриот Спасе Мазенковски и 11 Октомври-Денот на народното востание на македонскиот народ, македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), организира промоција на првиот том собрани дела на Мазенковски кои се објавуваат за прв пат на македонски јазик, информираше претседателот на партијата Васил Стерјовски.

- Промоцијата ќе се одржи утре, со почеток во 12.00 часот, во просториите на (МАЕИ) во Пустец. Промотор на книгата е проф. д-р Катерина Тодороска. За животот и делото на Спасе Мазенковски ќе зборуваат и неговите пријатели, меѓу кои и Ицо Најдовски Перин од Австралија и Кирил Добрушевски од Битола, Република Македонија. На овој значаен настан добредојдени се сите Македонци, додава Стерјовски.

Издавач на книгата е печатницата „Менора“.

- Големиот македонски патриот, писател, новинар и публицист и еден од најголемите борци за правата на Македонците во Албанија, Спасе Мазенковски роден е 1953 година во селото Леска, каде го мина целиот свој живот. Почина на 30 мај 2018 година. Беше основач и претседател на организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија друштво „Преспа“, основач и главен уредник на истоимениот весник, основач на МАЕИ и учесник во сите активности на Македонците во Албанија од 1990 година. Беше член на друштвото на писатели на Македонија и на друштвото на писатели „Новиот свет“ во Албанија., нагласува Стерјовски.

На македонски јазик има објавено неколку поетски збирки, книги, раскази и репортажи „Преспа моја“, „Разбојна китка“, „Торбулетот на татко ми“, „Преспанска убавица“, „Лабид и Преспан“, „Рѓосани бисери“, „Историја на македонскиот народ во Албанија“. На албански јазик ја има објавено книгата „Историја на македонскиот народ“. вт/ир

Фото: МАЕИ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан