• четврток, 26 декември 2024

Во Прилеп се одржува карневалот „Прочка 2023“

Во Прилеп се одржува карневалот „Прочка 2023“

Прилеп, 26 февруари 2023 (МИА) - По 21-пат во Прилеп се одржува карневалот „Прочка 2023“. Над 500 маскирани со преку 20 групни маски дефилираа во центарот на градот. Карневалот, традиционално го отворија прилепските мечкари како заштитна карневалска маска. На булеварот „Гоце Делчев“ дефилираа мечкари, маски за каменото време, часовник кој отчукува, другарот Тито, забавувачи на штули, посетители од странство.

-Ние сме од Куратица, охридско. Дојдовме на карневалот во Прилеп со нашата маска. Имаме и кај нас карневалски свечености, ама се на Василица. Соработуваме со Прилеп. Нашата маска претставува доаѓањето на Тито во нашето село. Овде во Прилеп го носиме нашиот Тито, тука се и нашите селани и ќе направиме голема изведба, вели „офицерот“ Никола Аврамоски од Куратица, охридско.

Прилепското здружение „Прочкари“ кое ги зачувува културата и традицијата и годинава со своја оригинална маска. Велат маската претставува како се вршело на нивите во минатото; со волови и магариња.

Љупчо Николоски, член на здружението „Прилепски мечкари“ објасни дека силна е традицијата за мечкарите.

-Ја продолжуваме традицијата на прилепските касапи и маскирањето во мечкари. Касапите кои цела година колеле животни, на Прочка бараат прошка и оттука е долгата традиција на маскирање со сурати, клопотарци, со кожи од животните. А „суратите“ мора да бидат страшни, објаснува Николоски.

Како гостин, за првпат на карневалот е и Парис Анамитис од Грција кој, вели е воодушевен од атмосферата.

Доаѓаме од Кожани, Грција. Сме биле во Прилеп, ама на Прочка сме првпат, зашто слушнавме дека е многу интересно за карневалот. Многу е убаво, вели Парис Анамитис од Грција.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески ја нагласува карневалската традиција за Прочка, но и простувањето.

- Да се проштева и да се бара прошка е голема човечка доблест. Така е и на Прочка, во името на традицијата мечкарите кои датираат уште од 30-тите години на минатиот век , ја одржуваме оваа традиција  и покажуваме креативнос, сето во духот на традицијата и желбата помалиот да му прости на повозрасниот, рече Јовчески.

Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“ смета дека е голема улогата на мечкарите во одржувањето на традицијата и на карневалот.

- И годинава, како секогаш досега, прилепските мечкари го отворија карневалот. Годинава имамае преку 50 мечкари, а учесниците се над 500 од сите краишта на Макеоднија. Маските годинава се многу оригинални и имаат една цел - да ја одржат традицијата од овие простори која датира со векови, рече Георгиев.

Стручно жири ќе ги одбере најдобрите маски на годинашниов карневал, а прилепските мечкари ги покануваат сите на традиционален понеделничен посен грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“ во близина на Прилеп. ем/аа/

Остани поврзан