• сабота, 21 декември 2024

Во Прилеп промовиран проект за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица и вклучување во пазарот на трудот

Во Прилеп промовиран проект за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица и вклучување во пазарот на трудот

Прилеп, 12 октомври 2022 (МИА) - Потребна е сеопфатна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица за да се намали повторувањето на делата, а лицата да се интегрираат во општеството и да се најдат на пазарот на трудот, констатираат од Центарот за граѓанска иницијатива од Прилеп, кои денеска го претставија тригодишниот пилот-проект, единствен од таков вид во земјава, финансиран од Европската Унија.

Како што објаснува Даниела Цветаноска, проект координатор, вклучени се повеќе институции, приватниот бизнис сектор, а за таа намена во прилепскиот Казнено-поправен дом ќе се отворат две работилници со современа опрема, браварска и ИТ-лабораторија за стекнување вештини на лицата кои издржале казна затвор.

- Идејата потекна по податоците дека е голем процентот на осудените лица кои го повторуваат делото. Потребна им е ресоцијализација, реинтеграција во општеството преку вклучувањето во пазарот на трудот. Вклучени се приватниот бизнис-сектор, неколку фирми имаат потреба од вработувања на квалификувани лица, Казнено-поправниот дом од Прилеп каде ќе бидат работилниците, Центарот за социјални работи, обвинителството, правобранителството, со цел успешно да се спроведе програмата, изјави Цветаноска.

Сашо Дамески, директор на КПД од Прилеп, вели дека ова е посериозно опфаќање на проблематиката, а и има интерес кај осудениците кои издржале казна затвор.

- Во КПД имаме земјоделско стопанство, затворениците успешно работат, но, со замирање на работилниците во Идризово, ова е посеопфатен проект. Можеби има во затворите нешто, но вакви работилници со современа опрема нема. Европските искуства се главно позитивни. И колку и да е бројката на осуденици кои ќе се вклучат во пазарот на трудот, а нема да го повторат делото, е голем успех, смета Дамески.

Директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Прилеп, Дејан Тошески, нагласува дека институцијата има искуство во социјална помош на оние кои издржале казни затвор, на нивните семејства, а оваа програма е потребна.

- Бидејќи им се дава и психолошка поддршка на овие лица, мислам дека целокупната програма е замислена полесно да го пребродат периодот по издржувањето на затворската казна и вклучувањето во пазарот на трудот, вели Тошески.

Маја Илиеска, претставник на приватниот бизнис сектор нагласува дека имаат потреба од квалификувана работна рака.

- Бизнис секторот има потреба од квалификувани работници, потребни ни се зашто е голем недостатокот и планираме да вработиме повеќе лица, вели Илиеска.

Пилот проектот за ресоцијализација, реинтеграција на осудените лица почна во јули и ќе трае до јуни 2025 година. ем/ар

Остани поврзан