• среда, 25 декември 2024

Во Прилеп поетски рецитал за 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески

Во Прилеп поетски рецитал за 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески
Прилеп, 19 септември 2021 (МИА) - По повод 100-годишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески вечерва пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ се одржа поетско читање. Актерката Симона Спировска пред прилепчани интерпретираше дел од поезијата на Конески, а Дино Имери ја придружуваше на пијано со музика инспирирана од поезијата на Конески. Актерската Спировска нагласува дека е чест да се чита поезијата на великанот Конески и не треба да го чествуваме само во јубилејна година. - Великанот Конески не треба да се чествува само при овој голем јубилеј – 100 години од неговото раѓање. Овој проект е инспириран од јубилејот, но секогаш е време за Конески. Неговата поезија, неговото дело, сето што го има направено Блаже Конески за литературата, за македонскиот јазик, треба да бидат наше секојдневие. Не ни требаат ексклузивни прилики за да се потсетуваме што има направено Блаже Конески, изјави Спировска. Пред публиката актерката Спировска ги говореше стиховите од Блажевите песни: „Враќање“, „Тишина“, „Сирма“, „Сончева колона“, „Нежност“, „Разделба“ и други. Дино Имери на пијано ја придружуваше Спировска и тоа со композиции што ги создал, инспириран од поезијата на Конески. - Сѐ што е поврзано со Блаже Конески, појдовната точка е голем респект. Почит за великанот Конески, кој е голем за секој кој живее во нашата земја. Мене поезијата на Конески ме инспирира да создадам музика. Стиховите, приказната што ја раскажуваат се инспиративни за создавање музика. И целото дело на Конески е инспиративно, рече Имери. Поетскиот рецитал во Прилеп е дел од четирите настани посветени на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. По Струга и Прилеп, планирани се уште два настана во Скопје. Проектот е во продукција на „Инфомедиа системи“ и е дел од прославата на Владата по повод денот на независноста. Настанот беше пренесуван во живо преку социјалните мрежи. ем/аа/

Остани поврзан