Во Прилеп одбележани 60 години од првата генерација медицински сестри - акушерки
- Со заеднички час со младите генерации, матурантките од првата генерација на прилепското медицинско училиште „Ѓорче Петров“, денеска свечено прославија 60-години матура.
Прилеп, 27 ноември 2024 (МИА) - Со заеднички час со младите генерации, матурантките од првата генерација на прилепското медицинско училиште „Ѓорче Петров“, денеска свечено прославија 60-години матура. Од 18-те први дипломирани медицински сестри-акушерки во Прилеп, на заедничкото одбележување беа две за да се присетат и да го одбележат овој голем јубилеј. Инаку, медицинското училиште со првата генерација медицински сестри-акушерки е второ отворено во земјава, по она во Скопје.
Магда Матракоска, родена Тинтоска, е една од првата генерација акушерки во Прилеп. Вели дека спомените за почетоците во совладувањето на благородната професија-акушерка се полни со носталгија и сознание дека работела на терен по селата, ги породувала жените и никогаш немало несакани последици.
- По иницијатива на тогашните лекари, се побара во Прилеп да се отвори средно медицинско училиште, насока медицински сестри-акушерки. Ние сме првите акушерки во Припеп. По училиштето во Скопје, прилепското средно медицинско со првите 18 акушерки е второ во земјава. Се побара стручност, за родилките да бидат згрижени како што треба без опасност за нивното и здравјето на новиот живот што е најрадосен момет. Добивме големи знаења зашто од 41 пријавени, 18 завршија. Сами водевме раѓања. А дел од акушерките се распространија низ цела, тогашна Југославија и секаде во болниците беа главни сестри поради знаењата. Бевме толку храбри што работевме и по селата. Работев три години, имав 360 породувања и сите успешни. Во домашни услови. Тоа е посебна гордост, вели Матракоска.
Катерина Јакимоска, порано Арапческа, се присетува дека на свет донесувале нов живот и во најтешки услови. Со денешните услови во медицината, морало да се искористат придобивките за унапредувања на знаењата.
- Сум работела во мариовските села. Ме носеа со хеликоптер. Имав ситуации да плачам и да пораѓам. Немаше струја, ниту аспиратор за бебето. Со свеќи и ламби ја завршивме работата. Донесовме на свет нов живот. До пензионирање работев во родилната сала. На нашето одделение беше највесело. Оти се раѓаше нов живот, се присетува Јакимоска.
Матракоска е тажна што ги нема повеќето нејзини колешки, ама е среќна покрај новите генерации, зашто светот останува на младите до кои има порака.
- Сакајте си ја професијата. Работете ја со љубов. Тогаш се постигнуваат врвни резултати. И никогаш да не им се скрати насмевката на пациентите, порачува Матракоска.
Во прилепското медицинско училиште „Ѓорче Петров“ од преку 770 ученици, над 500 се во медицинските струки, а најмногу, преку 250 се медицински сестри.
- Гордост е да се присетиме на почетоциоте и на првите стручни лица, медицински сестри-акушерки во Прилеп. Им благодариме на нивното залагање, а ветувањето е дека обучуваме стручни кадри. За жал, голем дел од нив сакаат и заминуваат во странство. Годишно имаме барем по 10 случаи на препис на дипломите, но и во голем број се барањата - потврди за нивното стручно образование за да продолжат надвор од државата, изјави Жанета Видевска директорка на прилепското медицинско училиште „Ѓорче Петров“.
Од 18 дипломирани медицински сестри, првата генерација акушерки во Прилеп, осум се починати. Десетте продолжуваат да ја испишуваат историјата за почетоците на стручните лица кои се дел од медицинската заштита. ем/бд/
Фото: МИА