Во Прилеп конференција за можностите за развој на Пелагонискиот плански регион
- Досегашните дејности не носат голем развој на Пелагонискиот регион кој е втор по приход во државава по Скопскиот, покажуваат анализите на невладината организација за истражување и анализи „ЗМАИ“, што денеска на Економскиот факултет во Прилеп беа презентирани од проектот „Паметен разавој на Пелагонискиот плански регион“, во чии рамкиј се одржаа три работилници.
Прилеп, 12 декември (МИА) - Досегашните дејности не носат голем развој на Пелагонискиот регион кој е втор по приход во државава по Скопскиот, покажуваат анализите на невладината организација за истражување и анализи „ЗМАИ“, што денеска на Економскиот факултет во Прилеп беа презентирани од проектот „Паметен разавој на Пелагонискиот плански регион“, во чии рамкиј се одржаа три работилници.
Согласно резултатите од анализите, мора да се унапредат и да се развијат нови дејности што ги бара пазарот како и да се зголеми соработката помеѓу научните институции и бизнис-секторот.
- Целта ни беше преку три типа анализи да покажеме каде ни се можностите за развој на Регионот: кои дејности треба да се создаваат и во која насока да се движи. Во моментот, дејностите кои се активни во Регионот не донесуваат соодветни развој и раст на платите, на работните места и на приходите на Регионот за да може да продолжи развојот. Но кога говориме за знаење, Регионот тоа го поседува и има луѓе и млади кои живеат во регионот и низ целиот свет кои можат дополнително да придонесат со своите знаења. Ние сакавме да ги мапираме можните дејности кои треба да се создадат и да се развијат за регионот да оди напред. Работевме и со секторите за Локален економски развој од градовите во Пелагонискиот регион, изјави Јована Аврамовска Николовска од НВО за истражување и анализи „ЗМАИ“.
Се препорачува унапредување на дејностите, соработка помеѓу научните институции и бизнис-секторот, како и програми за менторство.
- Примери за области кои може да се развијат: специјализирани градежни работи, дејности за нега на телото, огласување преку медиуми, особено се интересни дигиталните медиуми, финансиско посредување. Тука економскиот факултет може многу да помогне. Финална обработка на производи, без разлика дали е во прашање земјоделството или минералните суровини, потоа поттикнување на производство на опрема за параглајдерство. Треба сериозно да се работи на поттикнување на претприемничкиот дух, особено кај младите за да сакаат да започнат свој бизнис, но и кај возрасните кои го имаат искуството. Младите би се вратиле доколку имаат подобри услови за живот, а не е клучна висината на платите, објаснува Аврамовска Николовска.
Примената на дигиталните и напредните технологии во земјоделството и во бизнисите е фаќање чекор со општата индустриска трансформација.
- Денес се повеќе сме сведоци на зелената и дигиталната парадигма кои доаѓаат и со себе носат цела една индустриска трансформација. Тоа значи дека во голем број дејности кои досега се развивале на екстензивен начин, треба сѐ повеќе и повеќе да се вклучуваат дигиталните технологии, но исто така, треба да се земат предвид и ефектите врз животната средина со што, секако дека зелената агенда и зелената транзиција ќе бидат ставени во преден план. Тука, пред сѐ се мисли на големиот потенцијал кој го има Пелагонискиот регион во однос на развојот на земјоделството, но не на екстензивен начин како досега, туку со примена на најсовремени технологии, иновации, како што се примена на дронови, роботи, со што земјоделството би било многу попродуктивно и, секако, поатрактивно и за помладите генерации. И Пелагонискиот регион се соочува со депопулацијата, сѐ повеќе снемува работна сила, односно работодавците се соочуваат со проблеми да најдат работници, па дел од решението на овој проблем е прифаќањето на дигиталните технологии каде младите го имаат главниот збор, смета Димитар Николоски, професор на Економскиот факултет во Прилеп. ем/цр
Фото: МИА