• петок, 27 декември 2024

Во Прилеп доделени првите договори за државно земјоделско земјиште под концесија

Во Прилеп доделени првите договори за државно земјоделско земјиште под концесија

Прилеп, 2 февруари 2022 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со заменик-министерот Трајан Димковски денеска во Прилеп ги доделија првите договори склучени со земјоделците за давање под концесија на државно земјоделско земјиште.

Според Николовски, во двата повика се потпишани 903 договори за 1807 хектари, а најмногу од нив се од Прилепскиот регион каде се потпишани 232 договори за над 500 хектари.

- Тоа е огромна бројка на потпишани договори за ставање во функција на државното земјоделско земјиште во однос на двата повика. Продолжуваме со практиката комплетно да се стави во функција земјоделското земјиште и навистина да продолжиме да се грижиме за земјоделците како преку креирање на политики, така и преку најавите и ветувањата уште од 2016 година земјиштето да биде во вистинските раце, изјави Николовски, најавувајќи нови огласи.

Утре, според најавите, во Скопје треба да се одржи и состанок со сите раководители на подрачните единици за евидентирање на земјоделското земјиште.

-Сите ќе добијат задачи и обврски за да се детектира целокупното земјоделско земјиште. Клучни ќе бидат политиките за доделување земјоделско земјиште. Во 2017 година првпат воведовме инвестициски огласи кога се доделени 35 договори со инвестиции над 11 милиона евра за различни капацитети, откупни центри, за винарии. За првпат распишавме огласи за доделување земјоделско земјиште за сточарите. Имавме огромен интерес и ќе ја продолжиме и таа политика. Значи, буквално ќе направиме пресек на целото слободно државно земјоделско земјиште кое во следниот период ќе биде ставено на располагање на земјоделците, рече Николовски.

Николоски отфрли секаква манипулација со пренамена на земјоделското земјиште во градежно.

- Со претходната власт скришно се доделуваше земјиште кај пратеници, директори и некои земаа субвенции на криминален начин. За сите злоупотреби се покренати соодветни постапки. Во мојот прв мандат се раскинати над 10.000 договори, токму за да земјиштето се врати кај вистинските земјоделци, рече Николовски.

Земјоделците се задоволни, но сепак бараат поддршката за цените на производите и проблемот со високите цени на вештачкото ѓубриво.

-Зедов под концесија три хектари државно земјоделско земјиште. Планирам да произведувам сончоглед, житни култури и тутун. Работам околу 30 хектари, дел државно, дел земјиште земено под закуп од приватни сопственици. Вака е многу подобро и исплатливо. Многу е важно да се помогне со повисоки цени на земјоделските култури, на житото, тутунот. Освен тоа вештачкото ѓубриво е скапо, што создава проблеми, изјави Марјан Јончески, земјоделец од прилепското село Беровци. ем/бак/

Остани поврзан